На годишно ниво, околу сто млади девојки под 20 години абортираат, укажа денеска д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО). Тој зборуваше на денешната панел дискусија во организација на МАГО со поддршка на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Македонското лекарско друштво (МЛД). Панел дискусијата на тема „Обезбедување и почитување на човековите права во свет од осум милијарди жители. Планирање на семејство, како алатка за напредок”, се организира по повод достигнување на осум милијарди жители на светско ниво.
-11 отсто од жените на возраст од 15 до 49 години имаат барем еден индициран абортус во текот на животот. Младите луѓе треба да имаат пристап до квалитетни услуги, вработувања, познавање и пристап на услугите за сексуално и репродуктивно здравје. Овие работи, доколку ги обезбедиме за младите ќе им обезбедиме поголемо учество во јавниот живот. На тој начин, тие ќе останат во земјата и нема семејството да го формираат во друга држава, порача Тофоски.
Афродита Шалја, шеф на канцеларијата на Фондот за население на Обединети Нации (УНФПА), истакна дека една од клучните заложби на УНФПА во петгодишната програма е намалување на адолесцентната бременост.
-Во најрана фаза на женската популација им се прекинуваат или спречуваат можностите за тие да можат понатаму да се реализираат целосно како личности. Не треба да ги гледаме демографските промени како ризик, туку треба да ги претворивме во можност како може да го мобилизираме оној дел од населението кое што не е вклучено и во пазарот на трудот и во реализирање на своите цели и тоа е еден од начините преку планирањето на семејството, односно елиминирање на пречките што ќе доведат до нивно вклучување, вели Шалја.
Во светот, половина од сите бремености ‐ 121 милион, секоја година се ненамерни. Над 60 отсто од несаканите бремености завршуваат со абортуси, а се проценува дека дури 45 проценти од сите абортуси се небезбедни.