Блерим Беџети: Нема потреба Алијансата за Албанците да биде дел од Владата

Нема потреба Алијансата за Албанците да биде дел од Владата, потенцира во интервју за „Макфакс“, Блерим Беџети, актуелниот градоначалник на Сарај и член на ДУИ, кој беше еден од потписниците на писмото на т.н. огнена група.

Во врска со сѐ позачестените најави за можниот влез на Алијансата за Албанците во власта, Беџети потенцира: „Сметам дека ниту на ДУИ ниту на СДСМ, а ни на целото владејачко мнозинство не му е потребен дополнителeн партнер, конкретно Алијансата за Албанците да биде дел од власта. Во претходниот мандат беа со ДУИ и СДСМ, па излегоа од Владата, па сега повторно сакаат да се вратат. Тоа не е како да правиме туризам“, појаснува Беџети.

Тој смета дека партијата на Таравари треба да ја преземе обврската на опозиција.

„Треба да постои политичка цел. Друг беше моментот кога кон владејачкото мнозинство се приклучи и Алтернативата. Сега не го гледам тој политички момент. Не ја гледам политичката цел, зошто Алијансата за Албанците би била дел од власта и тоа не е добро ниту за нив ниту за владејачкото мнозинство“, прецизира тој.

На прашањето дали постои раскол во ДУИ, Беџети одговара: „Не знам за раскол. Ако за раскол го сметате фактот дека се размислува поинаку, секогаш било така. Но, затоа што се бара отчет од министрите, тоа не го гледам како раскол“.

Не го негира писмото на т.н. огнена група, но додава дека се дебатира внатре во партијата.

„Значи, имало незадоволство и кон Артан Груби, се разбира, бидејќи тој е потпретседател на Владата и не можеш да бидеш задоволен од нештата ако има застој на проекти“, дециден е Беџети.

Дали ДУИ тргува со македонскиот политички блок, дали е т.н. султан-партија, за односот кон Ахмети и слично, во интервју за „Макфакс“, Блерим Беџети, член на ДУИ и актуелен градоначалник на Сарај.