Историски најголем Буџет ќе има Македонија следната година. Да, да се е историско во нашата земја. Ама…
Власта предлага вкупните трошења на државата следната година да бидат вкупно 5,3 милијарди евра. Многу. За илустрација, тоа е за околу 900 милиони евра повеќе отколку што било предвидено за трошење во 2022 година кога Буџетот тежел 4,4 милијарди евра. Тоа е и 1,3 милијарди евра повеќе отколку за 2021 година. Толку многу напредуваше Македонија што има волку многу пари?
–Кога зборуваме за висината на Буџетот, се спомнува дека е историски најголем. Тоа е факт, но секоја година растеме економски. Тоа што коментираме тука, повеќе е од аспект на растот, политиките што ќе го поддржат растот и како дефицитот да не се зголеми. Мислам дека овој Предлог-буџет тоа го овозможува, истакна деновиве министерот Фатмир Бесими.
Тој најавува дека следна година се планира рекордно ниво на капитални инвестиции од 795 милиони евра, или за 52,3 отсто повеќе во однос на годинава, кои ќе биле основа за забрзување на растот. В година ќе се воведеле и нови модели за субвенционирање на нови модели за субвенционирање на земјоделството, предвидени се и субвенции за приватниот сектор, раст на трансфери до општините...
Но, сето ова се слушаше и при носење на претходните буџети. И до сега се најавуваа поголеми капитални инвестиции, пораст на БДП, развој, вложувања… Но, дали тие се и остваруваа?
Секоја година, всушност, се повторува истата приказна: проекцијата на порастот на БДП не се остварува туку е помала, не се трошат предвидените пари за капитални инвестиции бидејќи значајно доцни изградбата на автопатските и други сообраќајни делници, нема вложувања во здравството, во образованието, нема развој во други области…
И секако, има многу парите кои се одлеваат за платите на големата државна администрација која никако да се намали. Слабо се намалуваат и другите непродуктивни трошоци. Но, се очекува и годинава да ветат дека догодина нема да биде така, ќе се прават реформи на реформите, ќе се гради, ќе…