Темен режим Режим на светлина

И Штајнмајер ни порача дека вреди да се смени Уставот, па сега ќе прошета низ Македонија

По пауза од неколку дена повторно во Македонија дојде функционер на држава од ЕУ за да не потсети дека треба да го смениме Уставот. Овој пат тоа е германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, кој е во дводневна посета на нашата држава. 

– За патот кон Европа вреди и следниот тежок чекор. Северна Македонија се наоѓа пред важна одлука дали преку претстојната промена на Уставот ќе го трасира патот за отворање на поглавјата во поединечни области, како на пример економската политика или владеењето на правото, истакна тој.

И овој државник истакна дека дека многу ја респектира Македонија и нејзината храброст.

-Можам да ве уверам имаме голема почит кон вашата земја како резултат на вашиот крајно трнлив пат кон ЕУ. Вашата земја докажа политичка храброст. Охридскиот и Преспанскиот договор покажуваат дека вашата земја го владее тоа што е најтешка задача во демократијата воопшто, да се водат болни дебати, да се решаваат дебати и да прифаќаат компромиси, додаде германскиот претседател нагласувајќи дека „не треба да се скршнува на последните метри“.

Но, во однос на тоа колку е реален планот на македонската Влада земјава да стане членка на ЕУ до 2030 година, Штајнмајер изјави дека тоа не може да го предвиди.

– Дали тоа ќе биде 2030 година, мора да разберете, никој во моментов тоа не може да го каже, ниту политичарите од Македонија, ниту од Германија, ниту пак од ЕУ. Никој не може да вети, рече Штајнмајер.

Кој ќе биде следниот европски државник, дипломат, комесар…кој ќе дојде во Македонија?

Инаку, Штајнмајер денеска ќе прошета низ Старата скопска чаршија, а во Чифте аман ќе се сретне со екипата на македонскиот документарен филм „Медена земја“. Тој ќе има средба и со младинци посетители на Политичкото училиште на Претседателскиот центар за политичко образование. Попладне, Штајнмајер ќе го посети Ветерниот парк во Богданци, прв од ваков вид на Западен Балкан, а потоа и фабриката „Дрекслмајер“ во Кавадарци.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

АД ЕСМ: Греење во Скопје ќе има, гас и топлинска енергија се набавени за цел декември

Следна објава

Сепак радарот го фатил: „Летал“ со 198 километри на час