Со првиот вицепремиер Артан Груби повеќе не може да се работи. Тој и министерот за надворешни работи Бујар Османи имаат најслаби резултати. Ова го изјави на прес-конференција Изет Меџити, потпретседател на ДУИ, пратеник и предводник на „огнената група, кој јавно го презентира извештајот за (не)сработеното од министрите на ДУИ во изминативе две години.
– Нашиот извештај не беше разгледан во партијата и затоа јавно се обраќаме до членството. Од Владата бараме одговорност за неефикасното работење. Артан Груби и Бујар Османи имаат најслаби резултати, а потврда за тоа не е само нашиот извештај, туку и анкетата на ИРИ. Првпат рејтингот на албанската опозиција го надмина рејтингот на ДУИ. Донесувањето на одлуки стана ексклузивна привилегија на Артан Груби. Тоа предизвика поделба во партиските тела, рече Меџити
Според извештајот подготвен од „огнените“, од изборните ветувања на ДУИ кои станале дел и од владината програма од 170 проекти реализирани се само два и пет проекти се делумно реализирани или процентуално реализиран е само еден процент од програмата на ДУИ.
Во „огнената група“ покрај Меџити, се и градоначалниците на општините Сарај и Чаир, Блерим Беџети и Висар Ганиу, како и Муса Џафери.