Правосилна пресуда за случајот „Транспортер“ со која поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талевски доби затворска казна од 7 години, донесе Апелацискиот суд – Скопје. Тоа е за една година помалку отколку што Талевски беше осуден од понискиот Основен кривичен суд – Скопје.
Поранешниот секретар на Општина Битола, Слободан Бончановски, исто така доби намалување на казната, од шест години на 5 години и шест месеци затвор. Укината е и ослободителната пресуда за еден од обвинетите. На дел од управителите на фирми кои добија казни од 2 до 3 години затвор, Апелација им изрече условни осуди.
Со денешната пресуда на Апелацискиот дел од жалбите на обвинетите во случајот „Транспортер“ се одбиени како неосновани, дел делумно се уважени, а првостепената пресуда во осудителниот дел под I од изреката, ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција.
-Обвинетиот В.Т. го осуди на казна затвор во траење од 7 – седум години, обвинетиот С.Б. го осуди на казна затвор од 5 години и 6 месеци, во кои казни им се засметува времето поминато во притвор и куќен притвор до правосилност на пресудата, односно до започнување со издржување на казната затвор, за по едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување. На обвинетите Ј.И., С.М., А.Ш., Д.Г., А.С., О.С.,Р.Ј., Н.Д., Џ.М. за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување им изрече алтернативна мерка – условна осуда, така што им се утврдува казна затвор во траење од по 2 години и истовремено се определува дека утврдената казна затвор нема да се изврши, ако обвинетите во временски период од 5 години по правосилноста на пресудата, не сторат ново кривично дело, соопшти Судот.
Согласно чл.100 од Кривичниот законик од правното лице Друштво за превоз, услуги, производство и трговија „Д и А Х.Т” ДООЕЛ увоз извоз Битола, се конфискуваат 857.637,00 денари, колку што изнесува имотната корист прибавена со кривичното дело.
Во останатиот дел како и по однос на кривичните санкции спрема останатите обвинетите и по однос на мерката конфискација на имотната корист која е прибавена со кривичните дела, во вкупен износ од 34.224.179,00 денари, првостепената пресуда ја потврди.
Воедно, советот на овој суд, по повод жалбите и по службена должност, а заради правилна примена на Закон, првостепената пресуда во ослободителниот дел под II, ја укина.
Пресудата Апелацискиот суд ја донесе по 3 години.
Предметот „Транспортер“ се однесува на злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола и со првостепената пресуда поранешниот битолски градоначалник доби осум години затвор. Уште десет други лица во овој предмет се осудени со затворски, а десет со условни казни. Првостепената одлука од Основниот кривичен суд во Скопје беше донесена на 31 март 2020 година.