Во блиска иднина може да следува замрзнување на цените и на други производи што се сметаат за основни, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Тој рече дека околу тоа се прават анализи во Министерството за економија.
-Но, додека не бидат направени калкулациите и донесени соодветните одлуки, не сакам да давам повеќе информации, рече Ковачевски.
Врзано со ситруацијата со неиспораките на лебот премиерот рече дека компаниите што нема да ја почитуваат новата одлука за Владата и не сакаат да произведуваат и доставуваат леб по замрзната цена ќе бидат казнети согласно законите за трговија, за потрошувачи и за заштита на конкуренција.
-Врз основа на работата на инспекциските служби и на Државниот пазарен инспекторат и на Управата за јавни приходи, кои сите се на терен, ќе бидат носени следни одлуки со оглед на тоа како ќе бидат спроведувани двете одлуки, рече премиерот при неговата денешна посета на градинка во изградба во Општина Центар.
На прашањето дали се предвидени казни за оние компании што нема да ја почитуваат одлуката, Ковачевски рече дека тоа ќе биде согласно законите што ги има во државата.
-Во нашата држава имаме Закон за трговија, Закон за заштита на потрошувачи и Закон за заштита на конкуренција. Сите законски одредби ќе бидат искористени. Прво настапи замрзнување на цената на овие основни прехранбени производи, а потоа ќе бидат искористени и други мерки. Треба да ги имам законите пред мене за да ги цитираме точно. Може службите од Владата да ги извадат и да ги достават до медиумите. Меѓутоа, компаниите и инспекциските служби точно знаат кои се казните според законите, рече Ковачевски.