Во наредните пет години Македонија ќе добие нови 110 километри современи автопатишта вредни 1,3 милијарди евра. За таа цел денеска во Скопје беше потпишан договор со меѓународниот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој треба да изгради четири автопатски делници на коридорите 8 и 10: делницата Тетово Гостивар е во должина од над 17 километри, Гостивар – Букојчани е 30,3 километри, делницата Требениште – Струга – Ќафасан е близу 22 километри, а патниот правец Прилеп – Битола е во должина од речиси 40 километри. Според предложениот динамички план рокот за изградба е до 2027 година или подетално, Тетово – Гостивар има рок на реализација од 33 месеци, Гостивар – Букојчани рок од 57 месеци, Требениште – Струга – Ќафасан рок од 49 месеци и Прилеп – Битола 57 месеци.
-Овој историски проект значи реализација на една голема определба, инвестициите во патната инфраструктура се едни од најголемите проекти на Владата на што ставаме посебен фокус. Затоа што развиваме инфраструктура која што значи развој на економијата, истакна денеска премиерот Димитар Ковачески..
По денешното потпишување се планира во втората половина на месец април изведувачот да биде воведен во работа за трите делници, а за делницата Требениште – Струга – Ќафасан за која што се очекува да започне до крајот на оваа година од причина што е потребно да се оптимизира техничкото на трасата и потоа ќе започне со изградба и реализација и оваа четврта делница.
Во Буџетот на Министерството за транспорт и врски веќе се предвидени 15 милијарди денари или 244 милиони евра за оваа година што значи дека земјата е подготвена за изградба и за модернизација на домашните патни коридори.
Генералниот директор за нискоградба „Бехтел“, Марк Алисон истакна дека му е драго што ќе работат со Владата на овој проект за транспорт кој го нарече „навистина возбудлив“.
-Патната поврзаност во регионот и во земјата се навистина важни, „Бехтел и Енка“ имаат голема историја во испорачувањето на проекти и особено сложени проекти. Ја презедовме одговорноста да одржиме највисок стандард што е навистина сериозно за овој проект, се радуваме за неговиот почеток, рече Алисон.