Нема да пропадне државата ако ги вметнеме Бугарите во Уставот, посочи претседателот Стево Пендаровски коментирајќи како власта планира да стигне до двотретинско мнозинство во Собранието. Тој додаде дека не е загрозена македонската сувереност, ниту европскиот пат, ако се направи овој чекор. Пендаровски посочи: „Единствениот пат до двотретинско мнозинство е да разговарате со опозицијата, пратениците, политичарите од опозицијата. Не би сакал да видам да видам каков било друг пристап во обезбедување на тие две третини“.
-Оние што мислат дека преговарачката рамка не е добра и дека кога тие би биле во позиција да преговараат би направиле подобра преговарачка рамка – не знаат како функционираат механизмите во ЕУ. Нема да има шанса наново да се преговара работа што е договорена со 27 земји членки на ЕУ. Во неа стои обврската промена на Уставот и додавање на Бугарите внатре. Ако влеземе со намера да се разбереме, аргументите се на страната кои веруваат дека самата содржина на внесување на Бугарите во Уставот е бенигна. Не ги загрозува македонската сувереност и независност, ниту европскиот пат, рече Пендаровски.
Тој смета дека и да повика на лидерска средба за уставните измени – опозицијата нема да се вклучи.
-Ако опозицијата реши да не учествува во работната група, која допрва ќе биде формирана, ниту во Комисијата за уставни прашања во Собранието, какви што досега се нивните јавни изјави – јасно е дека и јас да се понудам да ја организирам таа дебата, тие нема повторно да учествуваат. Мислам дека грешат. Ги повикувам да се вклучат на експертско и политичко ниво и да ги кажат своите аргументи. Мислам дека таа дебата треба да биде пренесувана во живо за јавноста. Кога ќе ги соочите аргументите, претпоставувам дека и тие ги имаат, ќе видите дека сме ги направиле тие работи пред 22 години. Ние имаме етаблирани стандарди за делови од народите. Бугарското малцинство е со 3.500 во Македонија, сигурно нема да пропадне државата, додаде Пендаровски.