Како стојат работите во македонскиот правосуден систем? Околу ова синоќа прозбори обвинителката Вилма Русковска. Таа во интервју за „ТВ Телма“ истакна дека неодамнешниот предлог за нејзино разрешување е резултат на истрагата што таа како шефица на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција ја отворила за Драги Рашковски кој беше генерален секретар во Владата на Зоран Заев.
Русковска истакна дека имала притисок и закани да се откаже од шефовското место. И биле нудени други функции. Сето ова било и поради, како што посочи, предистрагата за тогашниот директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми.
-Ова што мене ми се случи е обесхрабрувачко за сите обвинители. Секој еден обвинител со право ќе се запраша ако добие предмет во кој е пријавен трет братучед на функционер, дали да постапува или не, вели Русковска.
Обвинителката објасни и дека не можела да го доврши и случајот со станицата за технички преглед „Виа комерц“ за автобусот на „Беса Транс“, во кој во сообраќајна несреќа во Бугарија загинаа 45 македонски граѓани. Како што објасни таа комисијата во МВР донела решение станицата за технички преглед „Виа комерц“ да биде затворена, но министерот Оливер Спасовски не го потпишал тоа решение на време.