Тврдењата дека Делчев припаѓа на бугарската историја се косат со вистината, беше порачано од денешната промоција на Зборникот „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“. Во изданието, коешто беше промовирано во МАНУ, се наведени и новооткриени факти и нов пристап на досега неразработени теми за животот и делото на македонскиот великан. Промоторката Катерина Тодороска рече дека не може политичка комисија со некомпетентни членови да носи одлуки за историјата.
-Во последно време слушаме дека Делечев предавал бугарски јазик во егзархиско училиште па тоа го правеле Бугарин. Но, се прикрива вистината дека Гоце бил извонреден познавач на францускиот јазик и дека предавал француски јазик, а што не го прави Французин. Исто така, новокомпонираните тези дека Делчев припаѓа на бугарската историја, се косат со вистината кога темелно ќе се осознае голготата на неговите мошти. И искрените желби на неговите соборци, тие мошти да почивата во главниот град на слободна македонска држава, потенцира Тодороска.
Свое обраќање на промоцијата имаше и преседателот на МАНУ, академикот Љупчо Коцарев.
-Македонија е поробена земја, протекторат, вазал, банана – држава… Изберете било кој од овие термини и нема да згрешите. Исклучиво се виновни македонските политичари кои во изминативе триесетина години подржувајќи лукративни, сервилни, недостоинствени форми на владеење ја трансформираа Македонија од слободна во поробена земја. Земјава треба да се обедини околу научните факти признанени од светската наука со кои се потврдува дека македонскиот народ и неговиот историски, научен, културен и религиски континуитет са автохтони категори, а македонскиот јазик има свој милениумски континуитет, потенцира Коцарев.