Министерот Меџити за болницата во Штип: Ова навистина не личи на ништо, на 21 век

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, по денешната посета на болницата во Штип, изјави дека е згрозен од условите во кои работат неговите колеги и се лекуваат пациенти. Тој најави дека ќе направи сè што може за да бидат одобрени барем 20 од бараните 48 вработувања.

– Јас денес ги видов просториите, сум бил тука и порано како лекар, тие не заслужуваат така да работат. Ова навистина не личи на ништо, на 21 век. Ние навистина ќе направиме напори што побргу новата болница да се заврши и здравствените работници да имаат подобри услови за работа и пациентите да добијат подобри услови, рече Меџити.

Новата клиничка болница поради проблеми со фирмата рече дека нема да биде пуштена во употреба како што беше најавено следниот месец, но најави дека доколку успеат да се договорат, таа ќе биде готова и пред 2026 година, дадена како нов краен рок.

За министерот Меџити, не е изненадувачки тоа што изминатите три години болницата ја напуштиле 100-ина вработени, од кои некои заминале во странство, а други се пензионирале, оти вели дека тоа е глобален тренд, но призна дека кадарот е проблем.

– Не знам зошто се немало стратегија, не знам зошто е доведено во ваква состојба, да бегаат, да немаме конкретни кадри, конкретни струки. Не знам зошто не е направена стратегија од претходните менаџери, требало тоа да го имаат предвид дека не може една клиничка болница да функционира без кадри. Сега слушам дека има четворица хигиеничари, тоа е незамисливо на таков обем на работа да ги завршат работните задачи. Но, тука сме, еве апелирам за сè што не е во ред да укажувате. Медицински 24/7 стојам на располагање и јас и тимот за да ги унапредиме работите. Јас сум лекар по професија. 23 години работам. Се соочував со истите овие услови, кои се објективни, со кои се соочуваат и моите колеги. Но, она што можам да ви кажам е дека ние како лекари на Клинички бевме многу задоволни што никогаш не ни праќаат пациенти кои не е потребно да бидат пратени. Тука колегите се многу квалитетни, рече министерот Меџити.

Клиничката болница во Штип од јануари годинава чека одговор од Министерството за финансии за нови 48 вработувања. Министерот Меџити рече дека тој не е вистинска адреса за одговор на прашања за вработувања оти тоа е министерот за финансии, но најави дека ќе направи сè што може за да бидат одобрени барем 20 од бараните 48 вработувања.

Тој најави дека се работи на нова стратегија во здравството, која подразбира спојување на здравствени институции, вклучувајќи го и Клиничкиот центар. Како што рече Меџити, една Данска има само 120 здравствени институции, додека ние имаме дури 1200, што не може да ги издржи ни една Швајцарија.

 

Претходна вестПромовиран Зборник: Голготата на моштите на Гоце Делчев ја демантира тезата дека тој и припаѓа на бугарската историја
Следна вестПретреси во гевгелиско, пронајдени поголемо количество оружје и муниција