Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев е вратен од македонската граница бидејќи патувал заедно со лица кои биле ризик за јавниот мир и безбедност во Македонија. Ова е денешен одговор на македонското Министерството за надворешни работи на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев кој денес во интервју за БТВ побара прецизно објаснување од официјално Скопје пред да разгледува можност за ново вето кон Македонија.
-На 6 мај, на граничниот премин Ново Село, поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија, согласно законот за странци, не било дозволен влез на група од петмина државјани на Република Бугарија. Дополнително би сакале да нагласиме дека во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал. Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија, објаснија од МНР.
Оттаму велат дека процесот за членство во ЕУ не е доведен во прашање како што тврди Ковачев.
-За Владата на Северна Македонија приоритетно прашање е членството во ЕУ. За таа цел се ставени на располагање сите владини и административни ресурси за успешно завршување на скрининг процесот и отворање на првиот кластер – фундаменти. Паралелно се работи и на уставните измени кои влегуваат во клучна фаза, каде за кратко време работната група треба да излезе со предлог амандманите. Сензитивноста на овој процес не остава простор за преземање на најмал ризик кој би влијаел негативно на успешното спроведување на измените, стои во соопштението од МНР.
Во изјавата за бугарската телевизија БТВ Ковачев рече дека забраната за влезот сигурно ќе се одрази на преговорите за членство на нашата земја со Европската унија. Според Ковачев, Македонија ја преминала црвената линија – член на европскиот парламент да не биде пуштен во земја кандидат за член на унијата.
– Тоа придонесе за многу реакции во Брисел – рече тој за БТВ.
Пратеникот смета дека прво треба да се чуе образложението на официјално Скопје пред да се зборува за ново вето од страна на Бугарија, но и од ЕУ.
– Иронично, неколку дена пред да заминам кон Македонија имав разговор со Бујар Османи, сосема пријателски разговор. Сакав да присуствувам на настан од нашата општа историја крај Ново Село, на бугарските воени гробишта, истакна Ковачев.
На границата немало никакво објаснување и затоа тој смета дека треба задолжително да му се извинат.