Сметката на градот Скопје не е блокирана, ниту пак во овој момент е загрозено материјално-финансиското работење на администрацијата, соопшти денеска Градот Скопје. До реакцијата доаѓа откако во медиумите се појави информацијата дека блокирана буџетската сметка преку која се вршат сите плаќања кон доверители, се делат плати на вработени и се префрлаат пари за субвенции на јавните претпријатија. Причина за блокадата била тужба кон Градот за предмет од пред 10 години, за кој судскиот процес завршил пред извесно време и сега со присилна наплата се повлекуваат парите.
Од Градот Скопје објаснуваат дека имаат неплатени обврски кон приватни субјекти. Во случајов се работи за долг кој го направил екс-градоначалникот Коце Трајановски, а потоа не успеал да го плати ниту екс-градоначалникот Петре Шилегов.
– Ваквиот начин на работа на овие политичари, и нивните политички опции не само што го загрозува работењето на градот, како во случајов, туку 33 години ја става државата во должничко ропство. Повеќе од три децении граѓаните на Р.Македонија отплаќаат долгови кои ги генерира секоја владејачка гарнитура, полнејќи ги сопствените приватни џебови со пари кој денес ги враќаат граѓаните, се наведува во демантот од Град Скопје.
Оттаму велат дека Градот Скопје во последната година дена успеал да го врати својот кредитен рејтинг на највисоко ниво во последниве 15 години, за што, како што велат, предуслов е токму намалувањето на акумулираните долгови, систематското материјално-финансиско работење и консолидацијата на финансиите.