Полицијата привела двајца осомничени кои сакале да градат паркинг без дозвола кај поликлиниката „Бит пазар“. Се работи за лицата Н. К. (44) и Ш. Д. (42), кои се осомничени за две кривични дела „узурпација“ и „бесправно градење“.
Од МВР информираат дека за изградба на паркинг немале добиено дозвола од Општина Чаир и дека за случајот е известен Јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска соопшти дека случајот бил пријавен синоќа, по 19 часот, а полицијата веднаш реагирала.
Министерот порача дека никој не смее да узурпира никакво земјиште и никаква сопственост, независно дали е приватна или државна.
-Има таков настан кој по 19 часот синоќа се случил. Тоа, би рекол, е обид за узурпација и градба. Никој не може да ја нарушува сопственоста, независно дали се работи за државна или приватна. Пријавено е во полиција, излезено е на лице место, приведени се две лица од Скопје и притоа е известен јавниот обвинител по чија наредба е одеземна градежната машина. Во текот на денешниот ден се процесуира кривичната пријава и ќе оди по брза постапка. Лицата ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, рече Спасовски, одговорајќи на новинарски прашања по дефилето „Јас внимавам и безбедно возам“.
Според него, очигледно е дека со рушење на дел од оградата, лицата сакале да узурпираат градежно земјите.
-Затоа се покренува кривична постапка за две дела: узурпација и нелегална градба. Полицијата изреагира веднаш и одземена е градежната машина. Ова е силна порака од државата дека никој не смее да узурпира никакво земјиште и никаква сопственост. Ирелевантно кој е, кој сака нека биде, тоа не може да го прави и ќе сноси одговорност – потенцираше Спасовски.