Шестмина македонски математичари го надминаа и тимскиот рекорд по освоени поени на Балканската математичка олимпијада

Младите македонски математичари кои деновиве постигнаа голем успех освојувајќи рекордни шест медали на Балканската математичка олимпијада, поставија и нов тимски рекорд кога се работи за вкупно освоените поени.

– За прв пат се освоени шест медали меѓу кои еден златен, еден сребрен и четири бронзени медали. Бројот на освоени тимски поени кој само во 2022 г. беше 118 е уште еднаш надминат, и оваа година изнесува 157 поени, што ја пласира Македонија на 5-тото место во официјалната конкуренција. Македонија е една од трите држави со златен медал, соопшти Сојузот на математичарите на Македонија.

Златниот медал е освоен од Никола Спировски, сребрениот е од Дамјан Давков, а бронзените од Јан Стојановски, Алексиј Тасиќ, Никола Цветаноски и Алек Танаскоски.

Се додава и тоа дека што една од задачите кои сите учесници на Олимпијадата ја решаваа беше македонски предлог (задача 1), во авторство на лидерот на македонскиот тим Никола Велов.

Сојусот на математичарите им се заблагодарува на Анастасија Трајанова, Илија Јовчески и претседателот на комисијата за ММО и меѓународни натпревари проф. д-р Мирко Петрушевски, кои заедно со нив учествуваа во подготовките на тимот. Благодарност е упатена и до спонзорите кои во целост го покрија финансискиот дел за подготовките.

-Да го пречекаме нашиот олимписки тим на 14.05.2023, недела во 13 часот, пред Природно-математичкиот факултет во Скопје, повика Сојузот на математичарите на Македонија.

Претходна вестПланинарски марш на Пелистер во чест на Димитар Илиевски Мурато
Следна вестПриведени се две лица, сакале да градат паркинг кај поликлиниката Бит Пазар