Приведени се две лица, сакале да градат паркинг кај поликлиниката Бит Пазар

Полицијата привела двајца осомничени кои сакале да градат паркинг без дозвола кај поликлиниката „Бит пазар“. Се работи за лицата Н. К. (44) и Ш. Д. (42), кои се осомничени за две кривични дела „узурпација“ и „бесправно градење“.

Од МВР информираат дека за изградба на паркинг немале добиено дозвола од Општина Чаир и дека за случајот е известен Јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска соопшти дека случајот бил пријавен синоќа, по 19 часот, а полицијата веднаш реагирала.

Министерот порача дека никој не смее да узурпира никакво земјиште и никаква сопственост, независно дали е приватна или државна.

-Има таков настан кој по 19 часот синоќа се случил. Тоа, би рекол, е обид за узурпација и градба. Никој не може да ја нарушува сопственоста, независно дали се работи за државна или приватна. Пријавено е во полиција, излезено е на лице место, приведени се две лица од Скопје и притоа е известен јавниот обвинител по чија наредба е одеземна градежната машина. Во текот на денешниот ден се процесуира кривичната пријава и ќе оди по брза постапка. Лицата ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, рече Спасовски, одговорајќи на новинарски прашања по дефилето „Јас внимавам и безбедно возам“.

Според него, очигледно е дека со рушење на дел од оградата, лицата сакале да узурпираат градежно земјите.

-Затоа се покренува кривична постапка за две дела: узурпација и нелегална градба. Полицијата изреагира веднаш и одземена е градежната машина. Ова е силна порака од државата дека никој не смее да узурпира никакво земјиште и никаква сопственост. Ирелевантно кој е, кој сака нека биде, тоа не може да го прави и ќе сноси одговорност – потенцираше Спасовски.

Претходна вестШестмина македонски математичари го надминаа и тимскиот рекорд по освоени поени на Балканската математичка олимпијада
Следна вестСовет за македонски јазик: Да се прогласи „Културен комплекс Блаже Конески“