Доста со навреди на интелигенција дека за големите катастрофи во Македонија е виновен кабелот, кочниците или сестрите, вели Мицкоски

-Се краде од министер до портир низ државните институции, а оној кој не го прави тоа, на него се гледа како исклучок. И оваа култура на корупција и крадење е само пресликување на однесувањето на челните луѓе на државата. И таквата култура на корупција ја гледаме и во случајот со Онкологија каде се крадело од болните со рак. Човек со мачнина гледа како имало профитери од туѓата смрт, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со своето обраќање во Велес.

Мицкоски укажа дека секаде во светот, и во други држави има случаи каде ќе има недостатоци на системот и грозоморни исклучоци на брутално кршење на правилата и законите.

-Но, функционалните држави се разликуваат од нас по начинот на кој тие реагираат и постапуваат откако ќе излезе ваков скандал и одговорноста која мора да ја има. А, што направи оваа власт? Влезе обвинителството не со истрага, туку со предистрага, а истиве кои профитирале на грбот на најзагрозените сега се уште се во состојба да работат. Повторно одредуваат терапија која ја краделе и во секој час може да го повторат делото, рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека за ваквите случаи треба да одговараат реалните виновници, односно креатори на истите.

-Доста со навреди на интелигенција дека за големите катастрофи во Македонија може да биде виновен кабелот, кочниците, или сестрите, а не и оние што потпишуваат договори и даваат насоки, заклучи Мицкоски.

Претходна вестВучиќ го осуди убиството на полицаецот: Се побунија Срби од Косово не можејќи да го трпат теророт на Курти
Следна вестБраво за Миовски: Два гола и една асистенција за само 54 минути игра