Работниците на „Еуроникел индустри“ со блокада си ги бараат платите и фабриката да продолжи да работи

Протест пред влезот во фабриката за да ги побараат своите плати и да порачаат печката да не се гаси зашто тоа ќе биде крај за фабриката оддржаа денеска вработените во „Еуроникел индустри“ во Кавадарци.

Миле Ѓорѓиев, претседател на синдикалната организација во фабриката, изјави дека сакаат да го свртат вниманието на раководството и на јавноста за нивните проблеми.

-Имаме сознанија дека даден е налог од раководството да се изгаси печката. Ако се изгаси печката, тоа според нас ќе значи крај на фабриката, бидејќи потоа, според нашите информации, ќе треба долго време и многу пари повторно да се стави фабриката во функција, рече Ѓорѓиев.

Незадоволните вработени добија поддршка од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство СИЕР. Претседателот на СИЕР, Игор Герасов нагласи дека фабриката е значаен економски субјект во државата. Тој подвлече дека како Синдикат нека да дозволат да застане оваа компанија, бидејќи, како што рече,  станува збор за еден од најголемите гиганти со околу 800 вработени и можеби уште толку надворешни соработници.

Протестот ќе продолжи и утре и задутре. Во петок ќе се одлучи, какви понатамошни чекори ќе се преземат од страна на синдикалната организација.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) денеска изразија загриженост за состојбата во „Еуроникел“ .

– Иднината на оваа компанија е неизвесна дотолку повеќе ако се знае дека во текот на вчерашниот ден генералниот директор на компанијата издал наредба за гаснење на печките. Ваквиот потег значи дека компанијата нема да работи и дека 800 вработени ќе останат без своите работни места, се вели во соопштението од ССМ и СИЕР.

Оттаму велат дека работниците не се информирани од раководството за тоа што ќе се случува со компанијата што е спротивно на работничките права и меѓународните трудови стандарди.

Претходна вестПутин: Војната меѓу Израел и Хамас нема да ескалира, големите играчи не се подготвени за тоа
Следна вестСОЗР: Цените во владиниот ресторан не важат само за функционерите, услугите ги користат и 250 вработени