Денот кога пред 130 години започна македонска револуционерна борба

Организацијата да е тајна и револуционерна, нејзината територија да ја сочинува само Македонија во нејзините географски и етнографски граници, во неа ќе членуваат родени и лица што живеаат во Македонија без разлика на вера и народност, политичкото верују на организираните Македонци е автономија на Македонија, да се чува самостојноста на организацијата за да не падне под влијание на политиката на соседните држави… Ова биле основни принципи врз основа на кои пред 130 години, на денешен ден, 23 октомври 1893 година во Солун шестмина Македонци ќе договорат формирање на почетната Македонска Револуционерна Организација (МРО). Во домот на книжарот Иван Хаџи Николов одржан е состанок на кој присуствуваа д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџа, Ениџе Вардарско и кој се натаму што се случувало претставува след на историски настани длабоко всадени во меморијата на македонскиот народ. Тоа беше чин на создавање на организација којашто почнува да се бори за ослободување на Македонија од турското ропство со сопствени сили, без помош од надвор и нејзино подоцнежно формирање како независна држава. Во спомен на тоа денешниот ден се прославува и како Ден на македонска револуционерна борба.

На основачкиот состанок на организацијата била усвоена програма за дејствување. Веднаш по формирањето основачите почнуваат да ги шират овие револуционерни идеи меѓу прогресивната младина во Солунската бугарска машка гимназија. Набргу учениците во гимназијата создаваат кружоци, конспиративни групи и др. По завршувањето одат по своите родни места и таму почнуваат да агитираат. Младите студенти и нивните професори стануваат стожерот, односно движечката сила на македонската револуција. Емисарите вршат обиколки по селата во Македонија и Одринска Тракија и формираат месни комитети. Откако на овој начин се формирала структурата на организацијата, се започнало со процесот на создавање вооружени чети и почнале набавки на оружје по илегални канали од Бугарија и Грција.

На почетокот на 1894 година бил усвоен Устав на Организацијата  и се конституирал Централниот комитет (претседател д-р Христо Татарчев, секретар Дамјан Груев). Во таа година била изградена и мрежа на Организацијата во поголемите центри во Македонија. Особено силен подем бележела по стапувањето во членство и во раководењето на Гоце Делчев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Јане Сандански и други македонски револуционери.

Во летото 1894 г. во било одржано Ресенското советување на членовите на ЦК и на делегатите на месните комитети посветено на организациони и на тековни прашања за револуционерно дејствување. Биле формирани три револуционерни окрузи: Солунски, Битолски и Скопски. Организацијата изградила (до есента на 1895) разгранета мрежа во сите делови во Македонија и прогласила сувереност на организационата територија, спречување на дејствувањето на други организирани групи со исти цели во Македонија. Македонските комитети формирани во странство можеле да дејствуваат исклучиво во рамките на Македонската револуционерна организација.

По формирањето на Македонскиот комитет во Софија (подоцна преименуван во Врховен македонски комитет, 1895), ЦК на МРО веднаш побарал тој комитет да ја сообрази својата активност со потребите на МРО и да работи како помошен комитет. Софискиот комитет продолжил да дејствува како паралелна организација во македонското револуционерно движење. Во почетокот на 1896 г. Делчев пристигнал во Софија во својство на официјален претставник на МРО да работи за спречување на мешањето на бугарските државни фактори во македонското ослободително дело. Претседателот на Софискиот комитет генералот Данаил Николаев бил предупреден дека МРО нема да ги толерира активностите и акциите преземени во Македонија. Грција и Србија го засилиле пропагандното дејствување и се експонирале како непријателски сили кон македонското ослободително дело. Во така неповолно опкружување за поефикасно водење на ослободителната борба, а со оглед на тоа дека и бугарското население во Одринско се наоѓало во иста положба и влегувало во границите на Егзархијата, МРО се определила да го организира и тоа население за извојување автономија на Македонија и на таа област.

На 5/12 јануари 1896 година се одржал Солунскиот конгрес со учество на првите луѓе на Организацијата: Гоце Делчев, Дамјан Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов и др. На конгресот, била усвоена нова политичка стратегија и тактика во дејствувањето. Конгресот усвоил нова управна поделба и територијална организација и промена на организациското името во Тајна македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО). Месните комитети биле ополномоштени да вршат просветување на жените и создавање масовно народно движење.

По Конгресот започнало забрзано создавање вооружени чети, ударната оружена сила на Организацијата за одбрана на територијалниот интегритет од туѓи вооружени чети и групи во Македонија. Бил донесен и посебен Правилник (1900) за четите со кој било регулирано формирањето, раководењето, употребата, како и борбената обука. Нивните припадници — комитите — носеле униформирана народна комитска облека и обележје за припадност. Вооружените сили ги раководел Делчев, кој го основал и изградувал Четничкиот институт, со надлежност на врховен инспектор. Организацијата имала тајна пошта и тајна полиција, создала функционални месни органи и тела. На целата територија на Македонија (до почетокот на 1903) Организацијата имала воспоставено делотворна власт на тајна држава во државата или подземна република.

На Солунскиот конгрес од 1903 година било донесеното решение за кревање востание, во отсуство на Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Сандански и други водечки личности на Организацијата. Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ ја потврдил одлуката за кревање востание. Востанието раководено од Главниот востанички штаб почнало на Илинден 1903 и прераснало во македонска сенародна борба за ослободување и за создавање самостојна македонска држава, највисокиот дострел во дејствувањето на Македонската револуционерна организација.

По Илинденското востание силно се манифестирале внатрешните поделби. На Општиот рилски конрес (во почетокот на 1905) само привремено било воспоставено единството на Организацијата. На Конгресот бил отфлен квалификативот тајна од името и Организацијата продолжила да дејствува под името: Внатрешна македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО). Внатрешните поделби и групирања во спротивставени струи: конзервативна и реформската струја се заостриле до степен на меѓусебни оружени пресметки. Така дошло до дефинитивен расцеп на Македонската револуционерна организација во 1908 година. Но, во годините што следат една идеја никогаш не згаснувала и не се менувала – конечно ослободување и создавање на самостојна и независна македонска држава. Таа идеја на крај ќе се оствари прво во текот на Втората светска војна со историските одлуки на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, а потоа и на 8 септември 1991 година кога македонските граѓани на референдумот решиле Македонија да биде самостојна и независна држава.

Претходна вестМицевски од пенал го реши скопското дерби
Следна вестСончево и топло со мала облачност