Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од Обвинителство велат дека осомничената 38-годишна скопјанка, на 23 октомври во угостителски објект во Скопје, извршила грубо насилство кон една оштетена.
Истата била физички нападната со тврд предмет и се здобила со повреди на главата.
-Притоа упатила и вербални закани кон оштетената и кон други присутни лица, со што предизвикала чувство на несигурност, загрозување и страв. Ценејќи ги сите околности, пред се можноста за повторување на агресивното и насилното однесување, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка на претпазливост – забрана за осомничената да се приближува или да воспоставува контакти со оштетената, соопшти Обвинителство.
Од МВР потврдуваат дека на 24.10.2023 полициски службеници од СВР Скопје ја лишија од слобода Е.Т.П. (38) од Скопје постапувајќи по пријава од Е.Р. (37) од Скопје дека на 23.10.2023 во угостителски објект на подрачјето на Центар со тврд предмет била нападната од Е.Т.П..
Инаку, пејачката Елена Ристеска се огласи вчера на социјалните мрежи и потврди дека била нападната пред познат скопски ноќен клуб.
-Чувствувам должност и почит спрема целата јавност и новинарите да ви се обратам околу натписите каде се споменува моето име. Да, точно е дека имаше обид за напад кон мене, но за истото е поднесена кривична пријава и очекувам од полицијата да го разреши случајот. Очекувам поддршка од сите вас бидејќи ова ми се случи без причина и повод. Не се грижете јас сум добра, ви благодарам на сите кои ми пишувате да изразите поддршка. После 21 година кариера, градење на име и реноме на пристојна и нескандалозна личност, ова за мене е нешто што мислам дека најмалку сум го заслужила и го гледам како обид да се извалка моето име. И покрај сето ова, јас продолжувам да пеам за моите фанови, напиша Елена на социјалните мрежи.