Процесот на пристапните преговори на земјава за членство во Европската Унија, за актуелните политички случувања во Македонија и тековните состојби во регионот ќе бидат главна тема на разговорите меѓу претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен и македонските функционери која синоќа пристигна во посета на Македонија.
Неа на аеродромот во Скопје синоќа ја пречека вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Матричиќ, кој веста ја соопшти на Фејсбук.
-Добредојде во Скопје за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од каде ја започнува турнејата низ Западен Балкан. Посетата е позитивен сигнал за европската перспектива на регионот и е во клучен момент за нашиот евроинтегративен процес, напиша Маричиќ.
Претходно, Фон дер Лајен објави и своја порака на социјална мрежа Икс
-Како што Северна Македонија напредува во реформите, така го трасира својот пат кон ЕУ. Со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде вам, на вашиот посебен идентитет и на вашиот јазик, македонскиот јазик, наведе Фон дер Лајен, изразувајќи задоволство што нејзината турнеја низ земјите од Западниот Балкан во следните три дена ја започнува токму од Скопје.
Таа синоќа имаше средба со шефот на државата Стево Пендаровски. На средбата беа разменети информации за натамошните фази во преговорите по завршување на скриниг процесот и за динамиката на спроведување на реформите.
-На средбата беше разговарано за претстојниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија како земја-кандидат, како и за Планот за раст на Западниот Балкан, при што претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката и посветеноста од Европската Унија на политиката на проширување и интеграција на земјите од Западен Балкан. На средбата беа разменети мислења за стратешката важност од спроведување на измените на Уставот и натамошните импликации врз европската перспектива на земјава, соопшти Кабинетот на Пендаровски.
Фон дер Лајен во текот на денешниот ден ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски и ќе одржат заедничка прес-конференција.