Мери Дика избрана за претседател на скопска Апелација

Извршен е изборот на претседатели во Апелациониот суд во Скопје и Основните судови во Битола и Прилеп, соопшти денеска Судскиот совет.

Судијката Мери Дика, која досега ја извршуваше функцијата в.д. претседател на Апелациониот суд Скопје, денеска е избрана за претседателка.

Името на судијката Мери Дика Георгиевска се поврзува со сведочењето за случајот Рекет, каде што беа обвинети Бојан Јовановски (Боки 13) и поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева. Таа е блиска пријателка на мајката на Боки 13 . Во своето сведочење тврдеше дека Бојан го знае од дете, знаела дека се занимава со проекти за ранливи категории граѓани, финансирани од ЕУ. Беше присутна и на основачкото собрание на неговата организација „Меѓународен Сојуз“, 2017-тата година.

Судијката Татјана Петровска е избрана за претседател на Основниот суд во Битола, а Јасмина Шишковска Стојковиќ за претседателка на Основниот суд во Прилеп.

Во Основните судови во Велес, Делчево, Крива Паланка и Штип, согласно денешната одлука на Судскиот совет, досегашните претседатели ќе останат да ја вршат функцијата в.д. претседатели сѐ до изборот на нови претседатели.

Согласно оваа одлука, во Основниот суд во Велес останува в.д. претседателка да биде Лидија Димова, во Основниот суд во Делчево – Миле Георгиев, во Основниот суд во Крива Паланка – Љубица Цветковска Стојановска и во Основниот суд во Штип – Ѓорѓи Андонов.

На седницата беше донесена и одлука по поднесено барање за патни трошоци и беше утврдена конечната ранг листа за избор на судии за Апелациониот суд Скопје.

Од денешната седница преостанува уште расправата по претставките и поплаките од граѓаните и правните лица за работата на судиите и претседателите на судовите поднесени до Судскиот совет.

Претходна вестЕкс-директорот на Онкологија Васев: Сме земале лекови на реверес бидејќи не смееше да им се прекинe терапијата на пациентите
Следна вестМинистерството нема среќа со учебниците, ама од ноември…