Скопските јавни претпријатија бараа 700 нови вработувања, советниците не дозволија

Бараа да им се одобрат околу 700 нови вработувања во следната година, но не добија ниту едно. Вака на денешната седница на Совет на Град Скопје поминаа барањата на шестте градски јавни претпријатија за траен ангажман на работниците во следната 2024 година. Нови вработени следната година ќе нема во ЈСП „Скопје“, ЈП „Лајка“, „Дрисла“, „Улици и патишта“, „Водовод и канализација“ и „Паркови и зеленило“, но и во осумте јавните и културни институции кои имаа поднесено планови.

Зелено светло за вработувања добија само ЈУ ДОМ на културата „Кочо Рацин“ и ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, кои поради недостиг на вработувања поради пензионирање, морале во некои објекти да работат само во една смена.

Според информациите од денешната Седница, најголем дел од директорите ги поднеле плановите без тие планови да поминат во управните и надзорните одбори и покрај тоа што новите вработувања подрзабираат и финансиски импликации.

Според еден од советниците, претпријатијата се во загуба, со зголемени прикажани трошоци за тековно работење, па неразбирливо е како во таква ситуација се бараат нови вработувања.

– Ако ги погледнеме извештаите тоа се, со ретки исклучоци, бирократија. Никаде не пишува зошто се потребни тие вработувања, а барањата се за зголемување на вработувања од 10 до 30 отсто, без пензионерите. Претпријатијата покажуваат непочитување на советниците со тоа што не објаснуваат зошто им се потребни тие вработени, а повлекуваат огромни трошоци, рече советникот д-р Никола Пановски.

Пред него, советникот Малиша Станковиќ рече дека претпријатијата покажуваат огромни трошоци, зголемување на трошоците во однос на лани, поради наводно зголемување на цените на горивата, што според него не е еточно, но и бележат загуби.

– Ако едно претпријатие бележи загуба од 69 милиони денари, од каде ќе исплати плати? Да тргнеме од времените вработувања, за една година има 70 плус времено вработени што изнесува 7 милиони денари месечно трошок. Како да одобриме 70 нови вработувања, кога претпријатието нема од каде да ги плати? Дополнително, од овие 70 привремено вработени, 53 се од Општина Сарај. Таа Агенција за вработување само работници од Сарај бара? Балансерот само во една насока ли врти?, праша Станковиќ.

Неколкумина директори или претставници на јавните претпријатија, присуствуваа на денешното продолжение на едницата на Советот, за да ги образложат своите побарувања.

Градските советници имаа забелешка и дека барањата за нови вработувања доаѓаат само од директорите на претпријатијата, а Управните одбори тоа не го ни разгледувале. Љубица Јанчева побара, следниот пат кога ќе доставуваат такви барања до Советот, и Управниот одбор да ги има разгледано и да ги одобри.

На денешното продолжение на 37 седница, советниците не дадоа согласност ниту на годишните сметки и на годишните извештаи за работењето во 2022 година на јавните претпријатија „Градски паркинг“ и ЈСП „Скопје“, ниту согласност за покривање на нивните загуби направени минатата година.  Претходно, минатата недела,  советниците не дозволија да му се дадат субвенции на „Градски паркинг“, ниту дополнителни субвенции од 110 милиони денари на ЈСП.

Претходна вестОтишол на скијање за време на боледување, компанијата му испратила детектив и го отпуштила
Следна вестДиректорка на Онкологија Клисарова: Предимензионирано во јавноста е дека на пациентите им е даван физиолошки раствор наместо терапија