Брзиот автобуски превоз низ Скопје многу споро се прави, а може дури и да заглави

Тргни – застани. Не може поинаку да се нарече начинот на кој се турка проектот за Брз автобуски превоз во Скопје.

Го промовира пред повеќе од две години поранешниот градоначалник Петре Шилегов во последните денови од мандатот. Се доби кредит од 70 милиони евра, се распиша и тендер за изведувач, па потоа дојде застојот. Неговата наследничка Данела Арсовска го стопира, сметаше дека не е добар, дека има големи маани, за да по две години соопшти дека сака да го реализира откако пропустите се отклонети.

И сега, новото тргнува стопирањето со неприфаќање од страна на мнозинство на советници во Советот на Град Скопје. Таму, претставници на граѓаните во Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, од Левица, од Зелен хуман град… сметаа дека не може да го поддржат и да дадат виза за да почне да се прави. Наведоа дека не знаат зошто градоначалничката Арсовска сака да го продолжи овој проект кога не бил дел од нејзината програма „За модерно Скопје“, дека имаат оскудни информации, дека не знаат дали се отклонети недостатоците, дали ќе се уништува средишното зеленило по булеварите, па се до тоа дека изградба на трамвај е подобра опција отколку автобусите…

Со ова, проектот БРТ, за кој својата поддршка најави и Владата, пак се паркира во некое архивско депо во Градот Скопје, од кое прашање е дали воопшто и кога повторно ќе излезе. Градоначалничката Арсовска не се изјаснува што има намера да прави по ова нова блокада. Ќе иницира ли средби со советниците кои сега го закочија проектот БРТ за да им ги објасни сите прашања околу кои тие имаа резерви?

Всушност, таквата средба и комуникација требаше да уследи и пред седницата на Советот за кој можеше да се претпостави дека советниците ќе речат дека не се доволно информирани. Но, тоа не се направило. Можеби таква средба ќе иницираат самите советници кои, нели, ветуваа дека ќе ги поддржуваат проектите во интерес на скопјани?

Решавањето на проблемот со јавниот градски превоз е една од најважните потреби на скопјани. Се губи драгоцено време, а проблемот не се решава.

Две години поминаа од ветувањата за бесплатен градски превоз, за набавка на нови автобуси, за ред во градскиот сообраќај, а во реалноста само проблеми, штрајкови, блокади, препукувања околу тоа дали треба или не да се даваат субвенции на ЈСП „Скопје“…

Претходна вестВо Словенија на возачите нема да им биде дозволено да имаат ниту промил алкохол во крвта
Следна вестНовите антикорупционери се избрани со необјективно и оркестрирано гласање, реагира членка на Комисијата за селекција