Новите антикорупционери се избрани со необјективно и оркестрирано гласање, реагира членка на Комисијата за селекција

При утврдувањето на ранг-листата на седумте кандидати за членови на новиот состав на државната Антикорупциска комисија имало необјективно и оркестрирано гласање. Ова го наведува членката на Комисијата за селекција за избор на претседател и членови на Антикорупциската комисија Снежана Камиловска-Трповска. Таа денеска до медиумите изпрати допис во кој укажува дека таа имала издвоено мислење, различно од останати членови на Комисијата. Ова тело синоќа ги предложи ревизорите Татјана Димитровска, Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, вработените во Антикорупциската комисија Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи, судијката Софија Спасова-Медарска и Сервет Демири од ревизијата на претпристапната помош за ЕУ за нови членови на ДКСК.

Камиловска-Трповска, која е активна во невладината организација МЦМС, во Комисијата беше претставник на граѓански сектор од областа на демократија и владеење. Во дописот таа наведува дека изненадува како другите претставници на Комисијата за селекција „изнајдоа компромис токму и само за овие кандидати и покрај слабите интервјуа, одбивањето да одговорат на директни прашања за општествени состојби, како процесот на заробеност на државата…“

-Дополнително, кандидати кои манифестираа одлични познавања од областа, спремност за директен и недвосмислен одговор и со одлични компетенции не беа добро оценети од страна на другите членови, со што им се оневозможи да се борат за позиција претседател и член на ДКСК, нагласува Камиловска-Трповска.

Инаку, таа наведува дека дописот до медиумите е единствениот правен механизам да го искаже јавно своето издвоено мислење.

-Не постои можност да се констатира издвоено мислење за утврдената ранг-листа од страна на членовите на Комисијата за селекција во записникот за спроведени интервју поради што ова е единствениот правен механизам со кој сакам да изразам мислење за необјективно и оркестрирано гласање на останатите членови за Комисија за селекција, наведува таа.

Освен неа, во Комисијата за селекција членуваа пратениците Кастриот Реџепи од Беса, Фаница Николовска од СДСМ, Берат Ајдари од ДУИ и Ели Панова од ВМРО ДПМНЕ, Јован Андоновски од претставник на Канцеларијата на Народниот правобранител, и ​​Никола Додов од Здружението за поттикнување и промоција на информатиката и назначен за член во Советот на соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа медиуми и информатичко општество.

Претходна вестБрзиот автобуски превоз низ Скопје многу споро се прави, а може дури и да заглави
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Коцкарски бизниси од милиони евра за Груби, милионски соларни панели за Ковачевски, а за народот илјадарче-две