Се сеќавате ли колку години, да не речеме децении, се ветува дека ќе се направи пругата кон Бугарија? Влади доаѓаа – заминуваа, ветувањата остануваа за следните министри пак да ги даваат…
На сето тоа му доаѓа крајот. Оваа власт вчера истакна дека обезбедила пари за правење на пругата. Имено, министерот за финасии Фатмир Бесими се пофали дека се обезбедени над 500 милиони евра за реализација на третата фаза од железничката пруга кон Република Бугарија.
Парите се обезбедени преку Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ и од ИПА, а што значи дека еве има услови да се гради. Да, де тоа знаши и дека еден ден парите ќе треба да се враќаат, ама за тоа друг пат ќе мислиме.
Јавноста остана без информација колку милиони евра сега ќе чини овој капитален проект, вклучувајќи ги досега потрошените пари и парите коишто сега се обезбедуваат. А со нив, до околу 2027 година, треба да се завршат сите три делници од пругата долга околу деведесетина километри кои се градат речиси три децении.
Тргни – застани работењето, ангажирање и откажување на изведувачите, бројни тендери…, сето ова е собрано во тридецениското незавршување на големиот проект. Всушност, се покажа дека многу помал проблем биле обезбедувањето на парите, преку задолжувањето во странство, за изградба отколку изведбата на терен. Односно, големото доцнење се должи и на навремени нереагирања на застои во градбата кон изведувачите од страна на државата која сето тоа го плаќа.
Така и сега се поставува прашањето: Ќе води ли сметка државата за тоа како ќе се трошат овие 500 милиони евра за да не се случат нови застои и новото одолговлекување на роковите? Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски неодамна ја посети трасата по што изјави дека е задоволен од динамиката на изградбата.
Но, така беше и во случај на автопатот Кичево – Охрид. Уште лани Бочварски изјавуваше дека овој автопат, кој доцни цели десет години, мора да се заврши до крајот на 2023 година и дека така е договорено со изведувачите. Но, сега се покажа дека пак ќе доцни, дека има нови проблеми, и дека, како што самиот кажа, ќе треба да се трошат нови буџетски пари за да се решат проблемите и да се заврши автопатот чијашто цена од предвидените 374 милиони евра стаса до речиси 600 милиони евра.
Ова горко искуство со автопатот не смее да се повтори. Всушност, лошото искуство од доцнењето на градбата на пругата кон Бугарија, не се искористи како пример да не се случат пропустите во градбата на автопатот кон Охрид. Тие грешки сега се плаќаат со милиони и милиони евра, пари на граѓаните и надлежните на чело со министерот за транспорт и врски тоа не смеат да го заборават и да дозволуваат.