Одлука дали ќе штрајкуваат во текот на новогодишните празници денеска се очекува да ја донесат контролорите на летање, членови на синдикалната организација во државната М-НАВ. Најавата за штрајк следи откако раководството на М-НАВ распишало два огласи со критеируми кои, според синдикатот, се спротивни на договорот кој го постигнаа пред три месеца, а кадарот кој сакаат да го вработат не е потребен.
Членството денеска напладне ќе се собере и заеднички ќе реши дали ќе го одржат предупредувачкиот штрајк во понеделник од 10 до 17 часот и потоа повторно уште два дена, од 31 декември до 2 јануари. Тие бараат поништување на спорните огласи.
-Ние немаме проблем со министерот или со некој од Влада. Ние проблем имаме со нашите директори кои не ги почитуваат работите кои беа договорени. Ќе им пренесеме утре на членството и ќе знаеме дали ќе има промена околу цела оваа активност, вели Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролорите на летање
Претходно, Тасевски имаше средба со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на која било договорено дека во наредниот период во постапките за сите јавни огласи за нови вработувања во делот на оперативниот кадар, ќе биде вклучен и Синдикатот,
Бочварски е убеден дека контролорите на летање ќе го откажат најавениот штрајк.
-На сите прашања се работи во координација со Синдикатот. Остана уште едно прашање на кое вчера дискутиравме. И граѓаните да бидат сигурни дека правиме сè, правиме напори и убеден сум дека контролорите од таа најава ќе отстапат. Тие ќе имаат свој состанок, но по она што го дискутиравме и двајцата заклучивме дека интересот на граѓаните и на државата мора да биде пред сè и над сè, рече министерот Бочварски.