Мито Хаџивасилев – Јасмин и со пушка и со перо се бореше за Македонија

Мито Хаџивасилев – Јасмин кој е роден на денешен ден пред 101 година, на 22 декември 1922 година беше македонски револуционер, мислител, државник, новинар…

Неговиот животен пат започнува почнува во Кавадарци, за да потоа се пресели во Битола каде што завршува гимназија. Уште во училишните клупи почнува да соработува со напредното младинско движење, да учествува во акции спроти почеток на Втората светска војна, а чијашто цел е слобода на македонскиот народ. Бил и затворан, а кога започнала војна влегол и во партизански редови каде станал и заменик политички комесар на Третата оперативна зона на НОВ и ПОЈ за Македонија и заменик политички комесар на Втората народноослободителна македонска ударна бригада…

По ослободувањето веднаш добива одговорни задачи во слободна Македонија. Од крајот на 1945 година до први јануари 1948 година тој е главен и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“, каде на полето на новинарството и публицистиката постигнува извонредни резултати. Автор е на повеќе книги и брошури, а меѓу нив од областа на македонската национална историја се „ВМРО-Обединета“, „Јане Сандански“ и „За великобугарскиот шовинизам“, од областа на општествените науки „Свртени кон човекот“, „Социјалистичката распределба според трудот“, „Одраз-Израз“, „За противречностите на социјализмот“…

Потоа станува и директор на Уредот за информации на НРМ, па пак во 1962 година е именуван за главен уредник на весникот „Нова Македонија“. Речиси две децении Хаџивасилев е член на највисоките партиски и државни органи на Републиката. Беше и пратеник во Народното побрание на НРМ (второ, трето и четврто свикување), секретар на Извршниот совет на Македонија, а бил пратеник и во Сојузното собрание, како и член на Советот на Федерацијата.

На 12 мај 1967 година беше почестен со изборот за тогаш највисоката државничка функција во Републиката – претседател на Собранието на тогашната Социјалистичка Република Македонија. Почина, прерано, кога имаше само 46 години – на 1 август 1968 година.

Тој е наречен и „првото перо“ на македонското новинарство и публицистика. Во неговиот спомен и со негово име е востановена највисоката награда којашто се доделува во Македонија за годишните остварувања во областа на публицистиката и новинарството.

Претходна вестПроменливо облачно со магла по котлините
Следна вестКонтролорите на летање денеска решаваат дали ќе штрајкуваат