Опасноста од повредите преку употреба на пиротехнички средства во текот на новогодишните празници се големи. Бројни примери на повредите во изминативе години потврдуваат дека таа опасност се уште е присутна. Со цел гтаа да се намали, МВР вчера на подрачјето на Секторите за внатрешни работи Тетово, Штип, Скопје и Битола реализира низа превентивни активности првенствено фокусирани на учениците, со цел да се спречи употребата на пиротехнички средства во пресрет и за време на претстојните празници. Во рамки на заедничките активности на МВР и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје „Петарди НЕ, безбедност пред се”, беа посетени две тетовски општински средни училишта, „Никола Штејн” и „Осми Септември”. Лекари од оваа клиника во содејство и координација со полициски службеници од Отсекот за превенција на Секторот за внатрешни работи Тетово одржаа стручни предавања на кои присуствуваа ученици од вкупно 18 паралелки.
-На предавањата посебно беше нагласен ризикот од употреба на пиротехнички средства по здравјето на луѓето, пред се од повреди на рацете, очите и другите делови на телото. Покрај ова, учениците поблиску беа запознати и со законските импликации од набавување, продажба и од активирање на петарди и други пиротехнички средства. Тие беа информирани и дека продажбата и активирањето на вакви пиротехнички средства, покрај прекршочно може да се санкционира и со кривични пријави, зависно од околностите и крајните последици. Вакви предавања за денеска се закажани во уште две тетовски општински средни училишта „Кирил Пејчиновиќ” и „Моша Пијаде”, соопшти МВР.
Превентивна активност во рамки на кампањата „Петарди НЕ, безбедност пред се” беше спроведена и од страна на СВР Штип-ОВР Берово со учениците од средното општинско училиште „Ацо Русковски” во Берово, како и од СВР Битола- ОВР Македонски Брод во ООУ ,,Мустафа Кемал Ататурк” во с.Пласница.