Претседателот на државата Стево Пендаровски синоќа на свечена церемонија во Даут-пашин амам ги додели признанијата Орден за заслуги, Медал за заслуги и Повелба на Република Северна Македонија.
Со Орден за заслуги, претседателот Пендаровски ги одликуваше глумците Гоце Тодоровски, Коле Ангеловски и Бајруш Мјаку.
Гоце Тодоровски е одликуван заради исклучителен и неповторлив придонес во развојот, популаризацијата и афирмацијата на театарската уметност. Тодоровски на средбата со претседателот Пендаровски, што беше прикажана на свеченоста, рече дека орденот за заслуги ќе го носи во срцето.
Коле Ангеловски е одликуван за неговата 60-годишна богата уметничка кариера како една од најкомплексните фигури на македонскиот театар и филм. Ангеловски во обраќањето рече дека ова е големо признание за него.
Бајруш Мјаку е одликуван за неговата тридецениска кариера како еден од најзначајните актери во современиот македонски театар. Пред присутните тој рече дека кога одлучил да студира глума, верувал дека избрал привилегирана и племенита професија која ќе ми донесе слава, но кога почнал да работи како актер во Албанската драма при Театарот на народности во Скопје, сфатил дека актерството не е професија, туку мисија.
Медал за заслуги им беше врачен на Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Лупчо Каров.
Каров е одликуван за неговиот авторски придонес и за учеството во хумористичното шоу „К-15“, за сиот ангажман во радиото и телевизијата, за придонесот кон македонската музика, но и за неговиот граѓански активизам и за вклучувањето во зачувувањето на животната средина. Огњановски и Тодоров се одликувани за хумористичното шоу „К-15“, преку коешто пренесуват уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество.
Признанието Повелба на Република Северна Македонија му беше доделено на Албанскиот театар за седумдецениското постоење низ кое се етаблирал во една од водечките уметнички институции којашто остварува значајна културна, образовна и естетска дејност во македонското општество.
-Вреднувањето на она што поединци и институции му го оставаат во наследство на својот народ, особено кои со своето дело го имаат задолжено општеството на кое припаѓаат, е обврска и одговорност на секоја сериозна држава, но и чин кој сигурно не е само од протоколарен карактер, рече Пендаровски.