Од Левица предлагаат платено породилно отсуство за мајките земјоделки. Од партијата тврдат дека земјоделките, де факто, се статусно дискриминирани во однос на другите работнички и оваа нееднаква социјална политика има сериозни последици врз нивното репродуктивно, психичко и физичко здравје.
– Овој закон ние го поднесовме на 6 април и речиси една година стои заглавен. За жал, во нашата држава само со притисок и пред избори работите се случуваат. Тргнувајќи од фактот дека правото на паричен надоместок за време на привремена спреченост за работа во согласност со законот е задолжително здравствено осигурување. Паричниот надоместок за привременото отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство по својот социјален карактер е обврска на државата, вели пратеникот од Левицата, Борислав Крмов, за предлог-законот за здравствена заштита.
Покрај ова, како што додаваат од Левица, жените регистрирани како индивидуални земјоделки се исклучени од Законот за здравственото осигурување и не го добиваат ова фундаментално право.
– Земјоделките, де факто, се статусно дискриминирани во однос на другите работнички – оваа нееднаква социјална политика има сериозни последици врз нивното репродуктивно, психичко и физичко здравје. Заштита на мајките е фундаментално право, кое не треба да се заслужува. Извештајот на ЕК го нотира овој проблем во целост, да немаме дилеми, се наведува во соопштението од оваа партија.