Лазаров за претстојниот меч со Германија: Веројатно пак ќе играме „седум на шест“

Македонските ракометари на задутрешниот меч со Германија на Европското првенство најверојатно ќе играат со иста тактика како и во првиот меч против Франција. Ова го најавува селекторот Кире Лазаров.

– Веројатно ќе играме „седум на шест“ и со Германија, свесен сум дека тие ќе бидат подготвени за тоа. Ние имаме кружни напаѓачи кои можеме да ги користиме за таков тип на игра. Мојата филозофија не е Македонија да игра таков тип на ракомет, така ме водеше чувството против Франција. Бевме немоќни кога тие одеа на контакт со ист број ракометари, изјави денеска Лазаров.

Се очекува мечот против домаќинот на ЕП да се одигра во берлинската арена „Мерцедес-Бенц“ која е со капацитет од околу 17.000 гледачи.

Лазаров рече дека во следните два дена ќе се обиде да извлече поуки од првиот меч со Франција за да неговите избраници што поподготвени го пречекаат мечот.

– Направивме анализа по првиот меч. Жалиме поради резултатот, мислам дека беше нереален. Имавме добри моменти, но и такви кога грешевме премногу. Направивме 20 технички грешки, што за противник како што е Франција е премногу. Мислам дека треба да бидеме поконцентрираме, максимално фокусирани,  попрецизни и поконцизни во сите сегменти на ракометната игра, вели Лазаров.

Тој смета дека на полувремето требаше да имаме подобар резултат.

-Еден сериозен тим не смее да си дозволи да прима голови во последна секунда. Против таков тим, па дури и против послаб, мора да се има концентрација на повисоко ниво. Мора да го промениме нашето, македонското. Лесно е да се каже, ама тоа мора да се поправи преку тренажен процес. Се сложувам и со некои критики, дека мора да одиме на повеќе контакт, истакнува Лазаров.

Според најавите од германскиот табор, тие се подготвуваат за игра на Македонија седум на шест.

Претходна вестЛевица предлага платено породилно отсуство за мајките земјоделки
Следна вестЗдружението на стоматолози: Пациентите ќе чекаат за забар со месеци или ќе плаќаат приватно