За Лилјана Макаријоска, редовен професор во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и дописен член на МАНУ граѓаните не можат да бидат задоволни од она што го добиваат од властите, таа во интервјуто зворува и за други грешки, што недостига…
Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?
–Убавините на Македонија ми се нижат во безброј слики, но најпрво за македонското културно наследство, за прекрасните фрески во старите македонски манастири и за богатото ракописно наследство создавано од неуморните монаси, врз кое се темели нашиот јазик и книжевното творештво; за старата народна архитектура и за традиционалната македонска куќа со скромната покуќнина, за песни и ора, за…
Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?
–Направените отстапки, прифаќањето преговори за „договори“ кои се спротивни на нашето право да ги чуваме македонските национални вредности, идентитетските обележја, јазикот и историјата кои се најважни не само за нас, туку и за сите народи во светот. Тие немаат цена и за нив не се преговара. Под превезот на „добрососедството“ не смееме да се откажуваме од македонските говори надвор од државните граници, од јазикот на нашите (и моите) предци.
Недостига ветуваната борба со корупцијата, криминалот, заложбите за владеење на правото, вложувања во здравството, образованието итн. Политизацијата и партизацијата зема сѐ голем замав во општеството и го нарушува нормалното функционирање во сите области, не се вреднува ниту трудот, знаењата и способностите.
Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно ѝ даваат на државата?
–Не можеме да бидеме задоволни од она што го добиваме за возврат особено од здравствените услуги, кои често се недостапни или ненавремени, од вложувањата во поквалитетно образование, потоа од комуналните услуги, од решавањето на горливиот проблем со загадувањето. Не се доволни и вложувањата во социјалната заштита, итн.
Дали Вие доволно ѝ дадовте на Македонија?
–Никогаш не е доволно за татковината и секогаш може повеќе. Учествував во бројни проекти, имам објавено 40 книги и многу научни трудови за македонскиот јазик од кирилометодиевскиот период до денес, за лексичкото и фразеолошкото богатство и др. Плод на мојот интерес е и Речникот на македонската традиционална култура во кој е застапен и материјал од егејскиот и пиринскиот дел како нераскинлив дел од македонската јазична територија.
Со што најмногу се гордеете во нашата земја?
–Се гордеам со научниците, уметниците, спортистите кои во своите области покажуваат врвни резултати и, несомнено, како културни амбасадори прават многу повеќе за нашата земја. Се гордеам со сите манифестации што ги афирмираат македонскиот јазик, современата македонска литература, народното творештво, со младите, кои и во овие тешки времиња имаат патриотски чувства и изградена национална свест…
Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?
–Недостасува побескромпромисна борба со партизацијата на општеството, со селективната правда, недостасува подобра здравствена заштита, поорганизиран образовен систем, поквалитетни административни услуги, реализација на нови комунални проекти, проекти против загадувањето. Наспроти тоа имаме многу злоупотреби и непродуктивни трошоци за проекти што не придонесуваат за подобар живот на граѓаните.
Во каква Македонија сакате да живеете?
–Сакам да живеам во Македонија како татковина која никој не би ја напуштал, зашто нуди егзистенција и подобар живот за сите граѓани и особено за младите. Би сакала да биде земја со побескомпромисна борба со криминалот и корупцијата, против секакви форми на насилство, со еднакви права, можности, обврски, одговорности за сите граѓани, со подобра здравствена и социјална заштита, со мерки за борба против сиромаштијата, со поголеми вложувања во образованието, науката, културата.