Во СВР Куманово, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски остварија работна средба со раководството на СВР Куманово и раководствата на Одделенијата за внатрешни работи Крива Паланка и Кратово, како прва дестинација во рамки на серијата посети што ќе следуваат периодов низ Секторите за внатрешни работи низ целата држава.
-Од страна на раководството на СВР Куманово бев информиран за постигнатите резултати во 2023 година, а заклучокот е дека параметрите за вкупниот криминал на подрачјето на СВР Куманово кореспондираат со оние на национално рамниште. Безбедносната состојба на подрачјето во надлежност на СВР Куманово, можам да констатирам дека е поволна, без индиции за нарушување, истакна Бојмацалиев. Притоа, тој ги сподели резултатите на оваа организациона единица.
-Регистрирани се 1.241 кривично дело што споредено со истиот период од минатата година претставува намалување од 3,6 проценти, додека вкупната реализација изнесува 73,2%. Во областа на организираниот криминал имаме зголемување на бројот на откриени кривични дела, каде во 2023 година биле откриени 27 додека во 2022, 16 кривични дела. Во делот на класичниот криминалитет СВР Куманово бележи зголемување на ефикасноста од 37,1%. На мое големо задоволство, 2023 година на подрачјето на СВР Куманово бележиме намалување на бројот на кривични дела кражби за 5,3% и зголемена реализација од 28,6%. Во текот на месец јануари во 2024 година споредбено со истиот период минатата 2023 година имаме намалување на бројот на кривични дела од 2%. Исто така, во областа на отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје имаме зголемување на бројот на откриени кривични дела – 11 додека во 2023 година биле 5, и исто толку поднесени кривични пријави. Во однос на нарушување на јавниот ред и мир, во текот на месец јануари 2024 година во однос на минатата година регистрирано е намалување од 28,8%, истакна Бојмацалиев, со уверување за силната посветеност да се продолжи со посета на сите Сектори за внатрешни работи низ целата држава, со цел интензивирање на заедничката соработка меѓу различните сектори и единици во рамките на МВР, како клучна за успешното спроведување на фер, слободни и демократски избори по европски стандарди.