Од Обединетите нации предупредуваат дека има алармантен недостиг на храна во Газа. Се посочува дека зголемената неисхранетост и неконтролираното ширење болести може да предизвикаат експлозија во смртноста на тамошните деца.
Дваесет недели по почетокот на израелската војна против Хамас во Појасот Газа, агенциите на ОН предупредија дека храната и безбедната вода станале неверојатно оскудни на палестинската територија додавајќи дека речиси сите мали деца имаат заразни болести.
-Појасот Газа е на пат да биде сведок на експлозија на смртноста на децата, рече Тед Чајбан, заменик-шеф за хуманитарни операции во агенцијата за деца на ОН УНИЦЕФ.
Најмалку 90 отсто од децата на возраст под пет години во Газа имаат една или повеќе заразни болести, се вели во заедничката процена на агенциите на ОН за деца, храна и здравје. Седумдесет проценти имале дијареја во две недели пред процената, што е 23 пати повеќе во споредба со податоците од 2022 година.
-Гладот и болеста се смртоносна комбинација, изјави службеникот за итни случаи на Светската здравствена организација (СЗО), Мајк Рајан.
Тој опоменува дека гладни, ослабени и длабоко трауматизирани деца почесто се разболуваат.
-Тоа е опасно и трагично и се случува пред нашите очи, вели службеникот.
Нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври резултира со смрт на приближно 1.160 луѓе во Израел, од кои повеќето цивили, според АФП. Во нападот на Израел врз Газа загинаа повеќе од 29.000 луѓе, од кои повеќето жени и деца, според Министерството за здравство на територијата управувана од Хамас.