Налог на Државен санитарен и здравствен инспекторат да направи увид во вакциналните потврди на децата ќе издаде Министерството за здравство со цел да се попречи ширењето на големата кашлица. До ова доаѓа откако министерот за здравство Илир Демири ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести (КЗБ) за спречување на ширењето на голема кашлица (пертусис). На Инспекторатот ќе му се наложи да постапува согласно законските надлежности предивидени со Закон за заштита на населението од заразни болести, како и да врши вонредни инспекциски надзори, односно увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена вакцина против голема кашлица, соопшти министерството.
Претходно, денеска, директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска изјави дека за да се врши увид во вакциналните потврди мора да има соодветна одлука од Министерството за здравство.
-ДСЗИ ќе забрани посета во градинки на деца кои немаат примено ДТП вакцина, само доколку препораката на Комисијата за заразни болести како советодавно тело на министерот за здравство, биде прифатена и со одлука, а Министерството за здравство му наложи на Инспекторатот вршење вонредни инспекциски надзори заради увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена ДТП вакцина, изјави Младеновска.
Министерството за здравство апелира до родителите дека најдобар начин за превенција на голема кашлица е вакцинацијата, затоа треба да ги вакцинираат своите деца.
Вакцинацијата против голема кашлицасе спроведува со комбинирани вакцини: Hexaxim (DTaP-IPV-Hib-HepB), Pentaxim (DTaP-IPV-Hib) и Tetraxim (DTaP-IPV). Според Календарот за имунизација, првата доза на вакцина се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на возраст од 4четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци.
Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст. Вакцината против голема кашлица на препорачаната возраст на доенчињата го намалува ризикот од сериозна форма на болест.