Во Генералниот конзулат на Бугарија во Битола биле констатирани „недозволиви прекршувања“ при доделувањето на бугарско државјанство, изјави денеска бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи во оставка, Марија Габриел. Таа така одговори на пратеничкото прашање на бугарскиот пратеник Ангел Георгиев кој, покрај другото, рече дека има сознанија дека чистачката во бугарскиот конзулат во Битола Весна Котевска спроведувала интервјуа со кандидати за бугарско државјанство.
Министерката, му одговори дека имало системски пропусти во бугарскиот конзулат во Битола, и дека чистачката веќе нема пристап до архивата и конзулската служба. Но, таа негираше дека чистачката вршела интервјуа за бугарско државјанство.
-Ваквите пропусти се недозволиви, кажа Габриел додавајќи дека ќе се бара одговорност од дипломатските претставници.
Таа додаде дека 2.719 досиеја се вратени на докомплетирање во конзулатот во Битола поради сериозни нарушување во процесот за добивање бугарско државјанство.
Извештајот од увидот бил испратен до Инспекторатот на Министерството за правда на Бугарија.
-По завршувањето на увидот изготвен е записник со проценка и анализа на сите собрани документи и информации. Извештајот беше одобрен и испратен до Инспекторатот на Министерството за правда. Со оглед на извештајот на Инспекторатот, наредив упатување до Дисциплинскиот совет на Министерството за надворешни работи. Очекувам што побрзо да се соберат и да ги спроведат сите препораки. Извештајот ќе биде испратен до Националното собрание. Во него има застрашувачки наоди во однос на правилата и прописите кои се основни за секој конзулат, истакнала таа.