Доста ни е од изборни кампањи каде се ветува дури и патека за Формула 1

Околу 50 дена од почетокот на изборните кампањи за претседателските и парламентарните избори. Но, тие веќе како да се започнати, всушност, како да се интензивира оти кампања се праваше и во изминативе месеци. Наместо политичарите, особено оние од власта, да работат нешто за доброто на Македонија, се повеќе се оди на ненакви си настани и од таму се слушаат ветувањата, се кажува како „ќе се се направи ова и она“, колку пари ќе се дадат за одредени проекти, за плати, пензии….

Почнаа да се лепат и плакати по билборди, да се делат флаери по поштенските сандачиња… Толку ли многу имаат да ветат што нема да стасаат за време на кампањата, па почнуваат многу порано?

-Не знаат друго да прават, освен да ветуваат. А молчат дали нешто од до сега ветеното реализирале, е еден од многуте коментари-негодувања на социјалните мрежи.

Но, никој не се осврнува на негодувањата. Се продолжува со давање ветувања. Па така, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски веќе почна да се расфрла со бројки.

-Во мојот втор мандат како претседател на Владата, ќе работиме да дојдеме до над 1.000 евра просечна плата и минимална плата од 600 евра…, изјави неодамна самоуверено тој.

Ветува тој и поголеми пензии, повеќе инвестиции, инфраструктурни проекти, повеќе пари назад кај граѓаните… Но, за она што беше ветувано во изминативе години, а не е направено нема ниту збор. Не се спомнува отворање на шест нови гранични премини, нов клинички центар, автопатишта, железничка пруга, болници во Штип и Кичево, завршување на гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар, крај на изградбата на автопатот Кичево – Охрид… Сето тоа веќе не се споменува, сега следат нови ветувања кои ќе ги потиснат во заборав претходните.

Единствениот отчет кој беше поднесен излезе фалење со 1.300 километри направени патишта во изминативе 5 години, а од кои, по проверките, се откри дека биле направени само 175,1 километра вклучувајќи ги и започнатите (некои и скоро привршени) од претходната власт!?

-Ние 33 години сме цело време во кампањи, зборови без дела. Веќе никој не верува во нивното „ќе направиме, ова, ќе направиме она“. Што сѐ не се изнаслушавме, од носењето на Гугл во Македонија до градење Формула 1 патека, а реалноста е дека три години неможат да реставрираат три километри автопат кај Петровец. Отчет за сработеното никој не дава, ни власт, ни опозиција, едните власт на централно, другите на локално ниво, смета Ненад Горневски.

Навистина, за ветувањето (од последните локални изботи) на Зоран Заев за тркачка патека за Формула 1 сега нема ниту еден збор или активност. Единствено е тоа што Заев си вози брзи и скапи мотори по патиштата и може уште бара каде да се направи патеката. 

Инаку, деновиве ветувања доаѓаат и од опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ веќе објавува дека Скопје ќе има нов клинички центар, дека по македонските пруги возовите ќе одат со брзина и до 120 километри на час…

Населението на Македонија бара опозицијата да дава попрецизни роковници и планови како ќе го реализира ветеното. Постизборните искуства ги плашат граѓаните дека ветените големи проекти најчесто не се реализираат, а што ги води и кон дилемаат дали кампањите воопшто и се потребни?

– Секоја партија или поединец би требало да направат договор за распоред на одржување еден митинг во Скопје на кој сите посебно би се изјасниле пред граѓаните. Едно нивно појавување би било доволно и на телевизиите, ни вели Ване Ташовски.

Дали ваквите ставови на граѓаните ќе доведат до тоа партиите да се откажат од бомбастичните ветувања останува да се види. Воедно и ќе се види дали власта деновиве ќе поднесува и извештај за сработеното.

Казни за неисполнување на ветеното

Граѓаните бараат политичарите да кажуваат како ќе ги исполнат ветувањата, но и да бидат санкционирани ако не го направат она што го ветиле.

Би требало да кажат како ќе го исполнат ветеното што кај нас за жал не е така, ниската политичка свест ги води да се расфрлаат со празни ветувања, смета Ненад Горневски.

Ване Ташовски, пак, вели дека треба да има и санкции.

Секоја партија она што го ветува да биде заверено на нотар и во случај на неостварување да одговараат пред судовите за неисполнувањето, порачува тој.

 

 

Претходна вестДенеска е зимска задушница, ден за помен и молитва за упокоените
Следна вестМВР ќе издава лични карти во месно надлежните полициски станици