Има многу „сили“ кои сакаат да ја фалсификуваат историјата и со тоа да добијат поени за остварување на некои си свои цели. Тоа е ужасна активност против вистината, ама ете навистина се случува. Македонската историја често трпи такви подли обиди од дел од соседите.
Пред се, на македонските историчари и политичари останува да ја бранат вистината од разните подмолни атаци.
Синоќа претседателот Стево Пендаровски истакна: „Да не се дозволи фалсификување на вистината за холокаустот на македонските Евреи бидејќи компромисот со вистината отвора можност за повторување на злосторствата“. Силна порака која е добро што е испратена.
Холокаустот на македонските Евреи пред 81 година не смее да се заборави или фалсификува. Тоа го должиме на 7.144 луѓе од Македонија кои беа депортирани во нацистичките логори на смртта. Пораката и ставот на Пендаровски на добар начин укажуваат како треба да се чува историската вистина за овој морничав настан на кој во таа 1943 година му претходеше детално испланирана и спроведена акција на бугарскиот окупатор.
Но, дали Пендаровски вака решително ќе ја брани и останатата македонска историска вистина? И други големи делови од неа се под удар за да бидат фалсификувани, избришани… Странци и се намерачија практично на цела македонска историја, на идентитетот, јазикот и културата на македонскиот народ.
И не само тоа, македонските владини претставници прифатија да се откажат од дел од античката историја, а сега млако реагираат на обидите на источниот сосед да не натераат сами да признаеме дека Македонците и македонскит јазик не постоеле до 1944 година.
Сето ова се страшни обиди за фалсификување на македонската историја. Тоа го гледа Пендаровски и што конкретно прави во одбрана на македонството?
Тој во една прилика дури јавно кажа дека „Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин но се борел за македонската држава“. Тоа е одбраната? Чудна одбрана на македонството која подоцна даде ветар во грб на нашите негатори.
Но, сепак, има надеж, еве сега Пендаровски покажа цврстина околу македонските Евреи, може созреал и зацврснал, па во иднина повеќе ќе ја брани и останатата македонска историја и вистина.