Вакцините дитепер за возрасни против голема кашлица, се стигнати во државата и веднаш ќе може да се аплицираат, најави министерот за здравство, Илир Демири.
На прашањето дали граѓаните кои имаат потреба можат да одат на вакцинација, тој одговори: – Да може, од денеска може слободно да се аплицираат, има во вакциналните пунктови, може кај луѓе кои имаат потреба за таков вид на ревакцинација, нагласи Демири.
Прашан кога ќе ја потпише одлуката на Комисијата за заразни болести за вакцинација на децата, тој кажа дека истата е валидна и без негов потпис.
– Сега ќе ја потпишам. Комисијата е составена од експерти кои носат праведни одлуки кои се во интерес на граѓаните и во интерес на спасување на животи, потенцира Демири.
Вчера надлежните информираа дека децата што во последните шест месеци примиле серија од три дози дитепер-вакцина се смета дека ја завршиле примоимунизацијата и може да одат во градинка, но со напомена да ја примат и ревакцината најрано шест месеци по третата доза. Комисијата за заразни болести ја дообјасни мерката со која се забранува нецелосно вакцинирани и невакцинирани деца да посетуваат градинка по многубројните реакции на родителите.