Најава за одржување на три протести и порака со која ги потсети дека работниците се клучен фактор во одлучувањето кој во иднина ќе ка води државата, упати денеска Сојузот на синдикатите на Македонија. Лидерот на работнциите Слободан Трендафилов на прес-конференцијата на која ги најави протестите рече дека два ќе се случат на почетокот на април, а третиот, главниот ќе биде оној на 1 мај на Денот на трудот.
Првиот протест, како што најави првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија ќе се случи веќе во вторник (2 април). На него, членовите на ССМ ќе го искажат својот револт од одлуката на Врховниот суд за одземање на Работничкиот дом од синдикатите и негово давање во владение на државата.
-Протестот ќе биде во насока на тоа да им покажеме на судиите дека треба да се одважат, дека правото и правдата мора да победи и дека треба што е можно побрзо да донесат нова пресуда со која ќе го вратат Работничкиот дом на работниците, на оние кои го граделе, рече тој.
На вториот протест на 8 април, д пред зградата на ССМ до Министерството за здравство ќе маршира Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита. Тие ќе протестираат поради тоа што нема да добијат усогласување на нивните плати согласно новата пресметка на минималната плата, бидејќи не е потпишан анексот на колективниот договор за овој сектор.
Протест ќе има и на празникот на трудот 1 Мај.
-Жалосно е да не ги слушнат работниците, а жалосно е и работниците да не ја искористат можноста јасно и гласно да им кажат на претендентите кои сакаат да седнат и во пратеничките клупи, меѓутоа и во владините фотелји што треба да направат за нив во наредниот период, рече претседателот на ССМ.
Синдикатите од идното државно раководство очекуваат минималната плата да изнесува најмалку 450 евра и тоа да биде усвоено уште во првите 100 дена од новата влада со политичка одлука за измена на законот. Според Трендафилов, пратениците не ги гласаат стопанските комори, работодавачите и газдите, туку ги гласаат повеќе од 750 000 вработени во Македонија.
-Стопанските комори, директорите се можеби некаде околу 7.000, меѓутоа работниците се 700.000. Работниците на крајот на денот носат одлука за тоа кој ќе ја води државата наредниот период. Ако вие не се грижите за нив, ако немате идеја во кој правец да се движите за да ги овозможите достоинствените плати на работниците, пристојните, здрави и безбедни услови за работа значи треба да размислите подобро. Упатувам апел до сите да сметаат дека работникот е иднината и работникот е пред се. Ниту газдите, ниту работодавачите се тоа, порача Трендафилов.