Полека се заокружува четиригодишниот мандат во кои владееа СДСМ и ДУИ. Многу работи останаа недовршени, а силно беа најавени. Многу работи од страна на нивните министри беа дообјаснувани, барани, повторувани…
Една од најповторуваните работи беше – уставот мора брзо да се смени.
Цело време се верглаше дека промената мора да се направи оти така барал Брисел, дека со тоа ќе се фатела кваката од влезната порта во ЕУ, дека…
Еве и сега во предкампањата се повторува истото. Дури потпретседателка СДСМ и носителка на листа порачува:
-Уставни измени па Влада. Тоа е пред се обврска на секоја политичка партија да и мисли добро на државата, истакна Сања Лукаревска.
Лоцирано ли е што друго треба да се направи за да и биде добро на државата? Ќе има за тоа малку повеќе во кампањата?
Лани што и да ги прашаш министрите, премиерот, претседателот на државата – за инфлацијата, за иселување на младите, за патот Кичево – Охрид… тие наоѓаа место во одговорот и за реченицата: „Уставот мора да се смени“.
Вицепремиерот Маричиќ толку беше упорен што дури и кога даде отшет за сработеното кажа:
– Ни останува и завршувањето уште една клучна обврска, а тоа се уставните измени, истакна тој.
Дали и сега во кампањата ќе продолжат во исто темпо? Што со приоритетите и реалните потреби кои ги имаат македонските граѓани?
ПС И како тоа замислуваат да се смени Уставот па да се правела Влада? Процесот на уставни промени трае неколку месеци, целиот тој период Македонија да нема нова влада, старата да си остане?