Шестмина пазарни инспектори не ја злоупотребиле својата службена положба кога не изрекле соодветни казни на неколку менувачници во Скопје кои немале лиценци за работа, став е на Државниот пазарен инспекторат. Овој државен орган вчера попладне реагира на наводите кои вчера ги изнесе Министерството за внатрешни работи (МВР) кое поднесе кривична пријава против инспекторите. Полицијата тврди дека тие ја злоупотребиле службената положба при постапување со неколку менувачници на Бит Пазар кои немале соодветни лиценци за работа, односно работеле на диво.
Од ДПИ објаснуваат дека во периодот од март до јуни минатата година Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје во повеќе наврати од Инспекторатот побарала спроведување координирани акции при што заедничка контрола се извршила во неколку менувачници кои биле одредени од скопската полиција.
-При надзорите е констатирано дека дел од субјектите се регистрирани во согласност со Законот за трговски друштва, а дел од нив биле нерегистрирани за што пазарните инспектори изрекле глоби во согласност со важечкиот Закон за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност и го известиле Државниот девизен инспекторат за понатамошно постапување како надлежен врз работењето на менувачниците, се наведува во демантот на Државниот пазарен инспекторат.
По однос на наводите на МВР оти при контролите пазарните инспектори, меѓу другото, не им ги одземале средствата на менувачниците кои работеле на диво, од ДПИ велат дека во кругот на нивните надлежности не е предвидено одземање на парични средства кои се предмет на работење, ниту, пак, проверка дали субјектот има лиценца од Народната банка на Република Северна Македонија.
-Надлежностите за вршење надзор кај резидентити кои вршат менувачко работење има Државниот девизен инспекторат во согласност со Законот за девизна инспекција и Законот за девизно работење, каде е наведено дека девизниот инспекторат има надлежност кај резиденти кои вршат менувачко работење без лиценца од НБРСМ, да врши надзор, да одзема предмети и парични средства, според член 43, 46 и 51 од Законот за девизно работење, додаваат од ДПИ во писмената реакција.
Пазарниот инспекторат воедно бара надлежните институции, меѓу кои и Обвинителството, да постапат согласно своите ингеренции и да го решат случајот докрај.