Во манастирот „Свети Великомаченик Георгиј Победоносец“ во село Рајчица денеска во 16 часот ќе пристигне иконата на Светиот Георгиј Победоносец, идентична копија на чудотворната икона на Светиот Великомаченик. Оригиналната икона во 15. век, на манастирот Зограф во Света Гора му ја подарил големиот добротвор на православните Светињи, легендарниот молдавски војвода Свети Стефан III Велики. Иконата завчера беше осветена во Света Гора, во двата манастира на Великиот Победоносец, Ксенофонт и Зограф,
-Иконата е благословена и осветена од првообразната Молдавска икона, којашто се чува токму таму. Иконата и браќата беа срдечно пречекани од зографското братство, кое се радуваше што благословот од Светињата на Свети Георгиј ќе се шири и на нашите простори. Свечениот пречек на иконата на Свети Георгиј во нашиот манастир во Рајчица ќе се одржи во 16 часот. Со широко срце и душа ги покануваме верниците да бидат дел од ова сенародно духовно славје и да ги примиме големите благослови на Светите Георгиј Победоносец и Григориј Палама, оддавајќи им достојна чест и слава, изјави сестра Ефимија од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица за МИА.
Веднаш по пречекот и поклонението пред чудотворниот образ, ќе следи празнична Вечерна богослужба, а следниот ден (недела, 31 март, во 9 ч.) и Божествена Архиерејска Литургија.
Инаку, чесната и чудотворна икона со ликот на Светиот великомаченик Георгиј Победоносец што се чува во манастирот Зограф на Света Гора е наречена Молдавска, затоа што е подарена од славниот молдавски кнез Стефан Војвода Велики (управувал 1457-1504) во 1484 година. Овој исклучително побожен молдавски војвода, кој штедро ги дарувал и поткрепувал православните светињи кои во тоа време се наоѓале под османлиската власт, станал возобновител и нов ктитор и на Зографската Обител. Тоа се случило по чудесната помош од Свети Георгиј на војводата Стефан, во една одбранбена битка против османлиската војска. Еднаш неговиот град бил нападнат од Османлиите коишто биле далеку побројни од неговите војници. Тој ја распоредил својата војска по ѕидините на градот, за да ги одбиваат нападите колку што можат и во меѓувреме постојано му се молел на големиот заштитник и спомагател на христијанскиот род, Светиот великомаченик Георгиј Победоносец пред неговата чудотворна икона.
Една вечер додека војводата со цврста вера и смирено настроение усрдно се молел, му се јавил самиот Светија и му рекол да не стравува и да не се повлекува, бидејќи, како што во многу битки дотогаш во кои учествувал со помала војска, со Божја помош, издвојувал големи победи, така ќе биде и сега. По ова видение војводата Стефан се охрабрил и излегол против нехристијанскиот непријател, носејќи ја напред иконата на Светителот, и со негова помош однел блескава победа над Османлиите. Кога потоа кај него дошле пратеници од спротивниот табор за да му оддадат чест и да молат за мир, му посведочиле дека за време на битката, во редовите на неговата војска имало некој многу храбар и страшен војник со копје и меч, качен на бел коњ и, всушност, тој им нанел страшен пораз, принудувајќи ги да бегаат. Војводата Стефан зачудено рекол дека таков војник немало во неговата војска. Но кога дојденците ја забележале кај него иконата од Св. Георгиј, ужаснати и уплашени му посведочиле дека токму тој коњаник им го нанел лутиот пораз. Оттогаш војводата уште повеќе го засакал светиот Христов воин, кој бил негов личен патрон и секогаш усрдно му се молел. Наскоро потоа, Победоносецот повторно му се јавил на својот верен слуга и го благословил да го обнови неговиот опустошен манастир Зограф на Светата Гора Атонска, во знак на благодарност за укажаната му помош и таму да ја однесе неговата икона, за поткрепа на монашката заедница.
Инаку, иконата пред тоа била подарена од ромејскиот император Јован Палеолог на молдавскиот војвода Александар Добриот (управувал од1400-1432). Украсната сребрената риза, пак, на иконата е правена по иницијатива и заложби на многозаслужниот зографски архимандрит Анатолиј, родум од Могорче, израснат во Лазарополе и замонашен во Бигорски, за време на неговото престојување во Русија до 1838 година. Во натписот врз сребрената кошула се вели дека образот на оваа чудотворна икона „му се јавил во 1484 година на Великиот Стефан Воевода Молдавски, којшто по тоа видение ја возобнови оваа Света Зографска Обител“. Подоцна, кога иконата потемнала од старост, била наново прецртана на старото дрво.
Новоизработената икона со чудотворниот лик на Светиот великомаченик Георгиј Победоносец од молдавската икона, на неговиот прочуен Манастир во Рајчица му ја подарува семејството на Ратко Капушевски. Истата беше нацртана во Грција од зографот г. Николај Кангарас од Фтиотида, сребрениот опков беше изработен од мајсторот г. Леондарис Зидрос од Јанина, а дрвената рамка и кивот од г. Христос Муртидис од Солун.