Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ за в недела организира искачување на врвот Здравец, еден од најиздадените и грандиозни врвови на Скопска Црна Гора. Почетокот на турата е во 8 часот, на последната автобуска станица во Љубанци, каде што е фудбалското игралиште и, преку костените, движењето продолжува до врвот Здравец, кој е на надморска височина од 1.560 метри и од каде што има поглед кон околните врвови, Бајрак на надморска височина од 1.610 метри, па сè до Кара Чука, на надморска височина од 1.525 метри.
Од врвот Здравец следува спуштање кон Башинац, по широкиот земјен пат, сè до селото Љуботен, каде што се застанува во црквата „Свети Никола“. Таму, членовите на здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ ќе донираат за обновување на камбанаријата. Оттаму се оди назад до фудбалското игралиште во Љубанци.
Од здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ велат дека турата е средно тешка, а за почетниците планинари е екстра тешка. До последната автобуска станица во Љубанци може да се дојде со сопствен превоз или со автобусот со број „47“, кој тргнува од Транспортниот центар, во 7:10 часот, додека автобус за назад има во 18 часот.