Гордана Силјановска Давкова синоќа на митингот во Радовиш од говорницата му одговори на Пендаровски кој вчера претходно од Демир Капија нагласи дека противкандидатката Силјановска-Давкова отсуствува од закажани митинзи и средби со граѓани во сопствената кампања за претседател на државата.
-Стево Пендаровски секој ден тврди дека ме немало никаде и дека ме заменил господинот Христијан Мицкоски. Знаете ли зошто не може да ме види? Заради реките народ кога сум долу, а кога сум горе, тука на говорницата, не сака да ме види затоа што не сака да ме слуша оти сè што тој не кажува, јас кажувам, сè што тој не направил, бидете сигурни, дека ќе направам, рече Силјановска Давкова.
Таа додаде дека Пендаровски, делува како да не е тој туку како да има двојник.
-Човекот кој што до вчера беше потонат во љубов кон соседите, сега сосема директно почнува од фатална вљубеност, изразена на господинот Бојко Борисов, да употребува говор кој не шири добрососедство, апсолутно не личи на тоа, и тоа е нешто што навистина мене ме плаши. Можете да замислите до што може да доведе тоа? Тоа се вика немање став, тоа се вика немање дигнитет, тоа се вика отсуство на интегритет. Од такви луѓе не можете да очекувате да ги штитат гордоста, односно националните интереси на Македонија, рече Силјановска Давкова.
Силјановска забележа дека Пендаровски на граѓаните им се заблагодарувал што стоеле зад него и Владата додека носеле тешки одлуки.
-Под тешки одлуки мисли на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, мисли на Преспа, на преговарачката рамка, на Преспанскиот договор? Јас не знам каде ги гледа луѓево? Ако над 70 проценти од граѓаните велат дека тој и тие околу него водат погрешна политика, кому се заблагодарува? Па, зарем не гледа дека луѓето не го одобруваат тоа?, запраша кандидатката за претседател од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.