Националната агенцијата за образовни програми и мобилност го добила официјалното известување за враќање на 2,2 милиони евра, средства од Еразмус+ програмата кои се злоупотребени во Македонија.
-Рокот на враќање на 2,2 милиони евра кои треба да ги врати Националната агенција за образовани програми и мобилност изнесува од 30 до 45 дена. Ги разгледуваме со Министерството за финансии сите можни опции како да ги вратиме средствата. Во моментов има техничка влада и со новиот ребаланс по изборите сигурно овие средства ќе бидат предвидени. До тогаш ќе наоѓаме напори заедно со Министерството за финансии да ги вратиме овие средства, изјави денекса Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за образовани програми и мобилност. Одговарајќи на новинарско прашање денеска во Битола тој рече дека заедно со Министерството за финансии бараат начини како да се вратат средствата.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ, пак, рече дека се бара начин како дел од средствата да се вратат назад, а остатокот да се одбие од износи за некои идни проекти. Тој додаде дека документацијата е предадена на истражните органи и Обвинителството, па очекува дека тие за брзо ќе излезат со објаснување кој ги направил злоупотребите.
-Ова е откриено со помош на колегите од Агенцијата и целта е тоа да не се повторува. Да има една позајакната контрола и да има начин како да се препознаат и во претходните контроли и во текот на реализацијата на проектите за да се се повторуваат овие ситуации. Откако ќе се откријат сторителите, постапката налага Агенцијата да има право да побара од оние лица за кои е утврдена злоупотреба да ги вратат средствата назад. И тоа е многу важно за да не се повторуваат овие ситуации и секој што влегува во такви мехинации да се замисли и да биде одвратен од тоа бидејќи штета трпат сите, рече Маричиќ.
Тој додаде дека европскиот амбасадор во земјава Дејвид Гир соопштил дека нема да има последици за Агенцијата зашто нема нејзино вмешување и ќе останат сите средства за новата програма Еразмус во ист износ како што се доделени за Македонија.
Познато е, Европската канцеларија за борба против измама – ОЛАФ, констатирала низа неправилности кај грантови доделени на 22 корисници во Македонија во периодот од 2016 до 2018 година од програмата Еразмус+. ОЈО за организиран криминал работи на овие случаи.