Ковачевски го одби условот на Димитриевски: Предавникот не го сакаат дома, уште помалку надвор од дома

СДСМ не прифаќа условувања и со никого нема да прави политички дилови, затоа што ова е прашање на иднината на државата и со неа нема тргување, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на синоќешниот митингот во Драчево.

-Да одговорам на она писание кое го има напишано субјектот ЗНАМ до јавноста. Прво, раководството на СДСМ го бираат членовите на СДСМ, кои се наследници и на НОБ и на АСНОМ и на Киро Глигоров, а не вазали кои се предале и отишле да шуруваат со наследниците на Ванчо Михајлов. Второ, носителите на пратеничките листи и сите кандидати на пратеничките листи на СДСМ и на коалицијата се излезени на избори за да ја претстават програмата на СДСМ и на политичките партии кои ја сочинуваат коалицијата и со таа програма, со тие луѓе, со тие претставници на социјалдемократската идеја ние го бараме гласот на граѓаните, изјави Ковачевски.

Тој посочи дека не се излезени на избори за да враќаат стари долгови и да му помагаат на ВМРО-ДПМНЕ и на Гордана Силјановска-Давкова.

-Но, една работа ќе им порачам, на крајот на денот предавникот не го сакаат дома, меѓутоа уште помалку го сакаат надвор од дома. Затоа ве уверувам дека на крајот на денот, ќе ги гледате стуткани во некој ќош, во една клупа, таму во Собранието на Македонија, како седат во последна клупа со наведнати глави, изгубени од својата идеологија и застанати заедно со наследниците на Ванчо Михајлов, рече лидерот на СДСМ.

Тој посочи дека се фокусирани да го постигнат најдобриот резултат на претстојните избори на 8-ми мај и ги повика на мобилизација сите демократски и прогресивни сили за да се спречи враќањето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ние не се откажуваме од Македонија во ЕУ! Верувајте, тоа не е цел сама за себе! Нашиот план за европска Македонија е преточен во конкретна и остварлива програма, истакна претседателот на СДСМ.

Ковачевски ги повика Христијан Мицкоски, Гордана Силјановска – Давкова и Али Ахмети да престанат да се препукуваат со штетни скандирања и закани кои, како што рече, никому не носат добро.

 

Претходна вестВОЗЕТЕ ВНИМАТЕЛНО И ОДГОВОРНО ЗА ВРЕМЕ НА ПРАЗНИЦИТЕ
Следна вестМицкоски: Ковачевски е измеќар на ДУИ