Во досегашното спроведување на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија беа лоцирани одредени недостатоци, за чие што надминување од страна на Оценската мисија на Европската Унија беа дадени конкретни предлози. Министерот за правда формираше Работна група за изготвување на Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија согласно дадените препораки од Оценската мисија на Европската Унија, известува Министерството за правда.
Како што информира Министерството, работната група одржала 23 состаноци на кои беа адресирани релевантните препораки од Оценската мисија.
Согласно Развојната секторска стратегија за правосудство предвидено е ревидирање на одредбите од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија кои се однесуваат на индивидуалната дисциплинска одговорност на членовите на Советот со посебен фокус на дефинирање на причините поради кои може да се иницира постпаката, органот/телата кои ќе постапуваат и правото на жалба. Исто така, во Стратегијата е предвидено да се постапи согласно препораките од извештајот од Оценската мисија на Судскиот совет. Целта на законските измени е да се зајакне независноста на судството, како и професионалноста и одговорноста на членовите на Судскиот совет.
Најважни новини кои се предлагаат во Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, а се засновани врз основа на насоките на Оценската мисија на ЕУ се:
- На огласот на Собранието на Република Северна Македонија за избор на член на Совет, свои предлози за член да даваат:
-Интеруниверзитетската конференција, со кандидати од редот на редовни професори по право со професорски стаж од најмалку 20 години од првите три најдобро рангирани универзитети во државата;
-Адвокатската комора на Република Северна Македонија со кандидати од редот на адвокатите со адвокатски стаж од најмалку 20 години
- .Зголемување на судискиот стаж од шест на 15 години како услов за членовите на Судскиот совет од редот на судиите
- Зголемување на работното искуство од 15 на 20 години како услов за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието на Република Северна Македонија
- Регулирање на начинот на избор на членови на Советот од Собранието на Република Северна Македонија, следејќи го компаративното искуство за избор на членови во ДКСК согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси
- Воведување на изборен цензус за изборите на членови во Судскиот совет од редовите на судиите, и тоа за успешни да се сметаат изборите на кои излегле повеќе од половина запишани избирачи за таа изборна единица
- Воведување на правило согласно кое за да биде избран член на Советот од редовите на судиите, кандидатот треба да добие повеќе гласови од половината од излезените гласачи, се наведува во соопштението на Министерството за правда.